Народен правобранител: Системот со сериозни слабости, секое петто дете е жртва на сексуално насилство
Секое 5-то дете во Македонија е жртва на сексуално насилство. Оваа загрижувачка статистика е дел од најновата анализа на народниот правобранител која открива дека во изминатите 6 години се евидентирани дури 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца. Најкритична е возраста од 11 до 15 години, а имало и дете под 3 години. Во најголем процент жртви се девојчињата, но според омбудсманот веројатно голем би бил и бројот на момчиња но поради стигмата и стереотипи тие не пријавуваат.
Казните за сторителите не се максимални а додека да се изречат процесот трае предолго. Наместо заштита народниот правобранител забележува дека овие деца се соочуваат со секундарна виктимизација. Народниот правобранител бара итни системски реформи, строга контрола на регистарот на сторители и воведување на хемиска кастрација.
Дека системот потфрла во превенцијата и заштитата на најмладите од ваков вид насилство доказ се низата случаи кои ја разбрануваа јавноста изминатиов месец. Последниот случај од Гостивар во кој малолетен брат сексуално ја злоупотребувал својата помала сестра, вчерашната кривична за 68 годишен педофил од Скопје кој принудил малолетник на сексуални односи и снимање видео материјал со порнографска содржина. За институциите сериозен аларм се и случаите од Гостивар и Битола во кои предаторите, осомничените силувачи на деца беа вработени во училишта.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
