Огромен пожар го проголтува Мариово, с. Крушевица засега е безбедно, но ситуацијата се менува од минута во минута
Огромна огнена стихија го проголтува Мариово. Пред два дена изгореа 15-тина куќи, штали и други помали објекти во селото Чаниште, а сега огнот се наближува до селото Крушевица. Екипи на ТППЕ Прилеп, ДЗС, доброволците од друштвото „Арганхел“ од Битола, од Виница и други градови, цела вечер се бореа стихијата да не навлезе и во ова мариовско село. На терен се и 4 пинцгауери, а се гаси и од воздух со хеликоптер, ер тракторите се уште не се стартувани до овој момент. Линијата на фронтот е над 20 километри, поделена во два крака.
„Овој крак верувам дека ќе го изгаснеме, има 3 манастири и истите се обезбедени делумно со контролиран оган, со правење на пресеки и не постои опасност по овие 3 манастири кои што се наоѓаат тука. Рано утрово дојде полициски хеликоптер, повторно наместивме монтажен базен за вода од кој хеликоптерот ќе полни вода, но тешка е употреба на хеликоптер на ова место бидејќи на некои места тој со перките го распалува и иако фрла вода, ефектот е обратен и затоа веќе нема да го користам овде хеликоптерот. Ер тракторите ќе почнат со дејство набргу откако хеликоптерот ќе се тргне“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Овој пожар во Мариово е најголемиот пожар оваа сезона во Македонија. Ситуацијата се менува од минута во минута поради силниот ветар. Опасноста за сите и за жителите и за оние кои го гасат огнот е огромна.
„Ветрот кој еве сега дувна, погледнете, не принудува да се повлекуваме, за неколку секунди се се смени, од една релативно мирна атмосфера во овој без наплив на оган и ќе мора да дејствуваме странично“, додаде Ангелов.
Во моментов во Македонија активни пожари се три пожари. Овој во Мариово, во Општина Студеничани, како и во Општина Македонски Брод кај селата Видуш, Драгов Дол и Локвица.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
