Мицотакис му одговори на Мицкоски: Патот кон ЕУ ќе биде затворен без почитување на Преспанскиот договор
Мицотакис му одговори на Мицкоски – без почитување на договорот од Преспа патот на Македонија кон ЕУ ќе биде затворен. Пораката грчкиот премиер ја испрати од градот Верија, 70тина километри од Солун, или како што вели од Мицотакис „од срцето на Македонија“
- Се разбира дека сакаме да разговараме. Не отстапуваме од црвените линии.
Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа. Но, ние рековме дека штом ќе се изгласа, не може да се смени.
Ако некои веруваат дека можеби нема да го почитуваат Договорот од Преспа, треба да знаат две работи: Прво, дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен. И второ, меморандумите нема да се ратификуваат додека не се постигне апсолутно почитување на Преспанскиот договор, вели Мицотакис.
Нема простор за отстапки околу Договорот од Преспа порача и грчкиот министер за надворешни. Герапетритис по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дека има право да ја нарекува земјата како што сака и дека преферира да се употребува само името „Македонија“, вели дека Грција одблиску ќе ги следи состојбите и јавните настапи на македонските функционери.
Преку соопштение вчерашната изјава на Мицкоски ја осуди и опозициската партија СИРИЗА во кое го потсетуваат Мицкоски дека според меѓународното право договорите се обврзувачи и мора да се почитуваат.
Новата серија реакции од Грција ги предизвика вчерашниот став на Мицкоски дека и тој и Силјановска Давкова во јавните настапи ќе ги користат термините Македонија и македонски бидејќи тоа не е прекршување на Преспанскиот договор туку нивно лично право како ќе ја нарекуваат сопствената држава.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
