Историски успех на младиот Македон на Германската математичка олимпијада
Со златни медали околу вратот и насмевка која зборува повеќе од илјада зборови, младиот Македон повторно ја направи Македонија горда. Во силна меѓународна конкуренција ова талентирано момче постигна историски успех на Германската математичка олимијада. Златен медал во индивидуална конкуренција по математика и Златен медал во математички предизвик.
Со своите резултати, Македон е прогласен и во престижната група ЛАУРЕАТИ – Признание резервирано само за најдобрите од најдобрите.
„Да кажам дека овој натпревар ми беше многу интересен. Не беше претежок и многу ми се допаѓаше. Имаше многу голема конкуренција и јас многу сум среќен што добив златен медал. Ама не само златен медал туку и Лауреат, на највисок степен. Имаше три јас го добив тој за прво место“, раскажува Македон за Сител.
„Јас сум многу среќен кога учествувам на вакви натпревари..и се ова е пред се друштво. Нема, еден спроти друг, нема омраза, се беше само друштво и решавање математика“, додаде Македон.
„Имаше учесници од цел свет и тоа беше една голема дружба на континенти, на раси, на луѓе од сите страни, така да ова беше едно големо искуство за сите нас. Македон се вклопи одлично. Дури не бевме ни свесни како се тоа помина. Но кога ја доби најголемата награда презадоволни радосни, не знаевме и како да се однесуваме“, изјави таткото на Македон.
Зад успесите на Македон, покрај талентот, стојат часови работа и подготовки. Но изостанува поддршката од државата, раскажува таткото за Сител.
„Засега можам да кажам дека не добиваме поддршка од државата. Ова е се на индивидуална база и имаме поддршка само од приватни компании и фирми“, додаде таткото.
Македонија е држава без систем за таргетирање, препознавање и едукација на надарени деца.
„Сакаме да информираме дека се работи на подготовка на Концепција за откривање и работа со талентирани и надарени ученици. Анализираме странски искуства, кои ќе ни помогнат во креирање на најдобрите мерки и активности кои ќе бидат дел од овој важен документ“, велат од МОН за Сител.
Од ресорното министерство додаваат дека ги поддржуваат талентирани ученици преку месечни стипендии од 3.500 денари за средношколци и со можност за забрзано напредување во основното образование. Дополнително, се доделуваат еднократни парични награди за освоени места на државни и меѓународни натпревари, кои за медали на престижните научни олимпијади достигнуваат износ и до пет просечни нето плати. Но, за еден ученик да ја добие некоја од овие награди мора да аплицира на конкурсот распишан од МОН.
Во меѓувреме младиот математички гениј Македон веќе се подготвува за нови предизвици. Во јули заминуба во Несебар каде веќе се избори да биде дел од супер финалето. А како што самиот вели – талентот не е пресуден, туку и трудот со работата.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
