Македонија
3. May 2026 - 16:58

32 возачи лишени од слобода за празничниот викенд

Продолжениот празничен викенд, ги наполни полициските станици со возачи кои не ги почитувале сообраќајните правила. Дури 32 кои седеле зад управувачот се лишени од слобода поради безобѕирно управување. Повеќе од половината не поседувале возачка дозвола, останатите биле под дејство на алкохол, а дел иако имале активна забрана за управување, сепак, седеле зад воланот.

Во последната 24 часовна сообраќајна контрола, полицијата задржала 11 возачи заради безобѕирно управување со моторно возило, кое според Кривичниот законик се казнува парично, со забрана за управување на возило или затворска казна.

„Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 11 возачи за безобѕирно управување возило. Од нив седуммина управувале возило без возачка дозвола (четворица во Скопје, двајца во Тетово и еден во кумановско), еден возач во Дебар управувал возило и покрај тоа што имал активна забрана, а еден возач во Битола возел под дејство на алкохол. Во Градско, едно лице управувало возило со брзина поголема од дозволената, а во Кочани едно лице управувало возило во спротивна насока. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, изјави Гоце Андреевски, Портпарол на МВР.

И возачите на мотори не се придржувале до правилата во сообраќајот. Во вчерашната целодневна акција на територијата на Скопје, полицијата казнила стотина. Најголем дел од нив возеле без кацига, двајца пак биле казнети дека не и застанеле на полицијата.

Од февруари годинава, непочитувањето на сообраќајните правила се казнува и преку системот Сејф сити.. Камерите засега регистрираат минување на црвено и надминување на брзината. Но, овој систем во пракса не ги опфаќа возачите на мотори. Дел од граѓаните реагираат дека добиваат казни бидејќи покрај нив поминал мотор со брзина над дозволената, а прекршокот камерите го регистрирале на автомобилот.