Македонија
15. March 2024 - 16:44

Анализа: Каква излезност можеме да очекуваме на претседателските и парламентарните избори?

Аналитичарите не очекуваат преголема излезност на граѓаните во првиот круг од претседателските избори, кој ќе се одржи на 24. април оти и самите ценеле дека претседателот ќе биде избран во вториот круг. Ниту мобилизацијата на политичките партии во овој период не е толку голема. 

Според нив, мотивацијата и на граѓаните за гласање, а и на политичките партии за активности ќе се зголеми пред 8. мај, кога практично треба да се одржат двојните избори.

Досегашната пракса од изборите, покажува дека не сите граѓани кои имаат право на глас, го искористуваат. Па така, согласно информациите на ДИК, на предвремените парламентарни избори во април 2014 година, 62 % од граѓаните решиле да гласаат.

Процентот на излезноста на граѓаните во декември 2016 година, поради политичата криза бележи раст, па изнесува 67 %, но на предвремените парламентарни избори во 2020 г. во ек на ковид кризата бележи пад.

На локалните избори во 2021 година 50% од граѓаните решиле да го искористат своето право на глас.

Интересот на граѓаните да излезат на гласање за претседателски кандидат, во 2019г. се намалил за нешто помалку од 8%, во споредба со интересот којшто граѓаните го имале во април во 2014 година.

Причините за ниската излезност на граѓаните на изборите аналитичарите ги гледаат во тоа што некои работат и живеат во странство, а оние што се во земјава не им веруваат на политичарите и институциите.

Аналитичарите проценуваат дека важна улога во ниската излезност на гласачите придонесуваат и црните кампањи кои ги користат партиите и преку соопштенија, и на социјалните мрежи. 

Од независноста до денеска, се одржале десет парламентарни избори, а на 24. април по седмипат ќе се гласа за шеф на државата.