Македонија
8. February 2024 - 16:33

Налепниците со „НМК” од утре граѓаните ќе може да ги подигнат од сите станици за технички преглед

Од утре граѓаните ќе може да ги подигнат налепниците за регистерските таблици со ознаката НМК во сите станици за технички преглед. Ќе бидат бесплатни, а секој оној што ќе сака да патува надвор од земјава од наредната недела, ќе мора да има налепница, во спротивно нема да може ја напушти земјава.

Од утре ќе започне постапката за дистрибуција на налепниците со ознака НМК до референтите за сообраќај во подрачните станици за технички преглед низ цела држава од каде граѓаните ќе може да ги подигнат. Ве информираме дка налепница НМК треба да набават сите сопственици на возила чии регистерски ознаки немаат никаква ознака или ознака МК.

Без налепница со новото уставно име нема поминување на граница со возило, но за четири дена нема да може ни со пасош каде не стои новото уставно име. Но да се закаже за пасош е невозможна мисија. Целиот систем е блокиран, на телефоните не може да се добие оператор, а онлајн закажувањето не е во функција.

И додека граѓаните мака мачат за закажување термин, пред полициската станица Пролет се чини се е идилично. Оние кои имале термин да се сликаат за лични документи во мај и денеска ги повикуваат да се сликаат во пунктот.

Едни граѓани се заглавени во сопствената држава, други не можат да се вратат со што им се крши уставното право на слобода на движење, реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Ваквата неорганизираност влијае на илјадници наши сограѓани и доведува до елементарно прекршување на правата на граѓаните кои од различни причини имаат потреба да излезат од границите на државата. Постапките за вадење на лични документи во овој момент се долги, хаотични и освен повреда на достоинството предизвикуваат реална штета од материјална и од нематеријална природа.

Поради тоа Хелсиншкиот комитет смета дека институциите на државата се однесуваат крајно понижувачки кон своите граѓани и тоа не само заради целиот хаос околу вадењето на документите, туку и во однос на прекршувањето на уставните права на граѓаните.

Бараат институциите итно да изнајдат решение за да ја амортизираат штетата што им ја предизвикуваат на граѓаните.