Ковачевски поднесе оставка - почна процедурата за избор на техничката влада на Џафери
Талат Џафери, кој треба да ја предводи техничката влада од понеделник, си поднесе оставка од претседател на Собранието. На својот последен работен ден како собраниски спикер по речиси 7 години на оваа функција, излезе со порака дека како технички премиер главна задача ќе му биде организирање на фер и демократски избори.
Пред Џафери,оставка од својата позиција во парламентот поднесе и премиерот Ковачевски, но е уверен дека по изборите повторно ќе се врати на оваа позиција.
Ковачевски својата оставка му ја достави лично на Џафери. На средбата истакнал дека премиерската функцијата ја извршувал одговорно и посветено, со должна почит кон граѓаните. Пред да ја депонира својата оставка во парламентот Ковачевски имал и куса владина седница на која им се заблагодарил на министрите во неговиот кабиент.
Со оставките на Џафери и Ковачевски почна процедурата за изборот на т.н. пржинската влада за избори. Оставките ќе бидат констатирани на утрешната собраниска седница. На оваа седница ќе биде избран и Јован Митрески, координаторот на СДСМ за нов собраниски спикер. Потоа Џафери треба да го добие премиерскиот мандат од шефот на државата Пендаровски. Во сабота пак, нвиот мандатар до пратениците треба да понесе предлог владина програма, како и министерски состав на неговиот кабиент.
Изборот на Владата на Џафери се планира на седница во недела на полноќ, по што тој ќе стане третиот премиер на преодна влада според моделот кој за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
