Македонија
14. January 2024 - 16:36

Бигорски бара извинување, бура реакции откако вевчанци ги навредија верските чувства

Бура од реакции во јавноста предизвика маската со Исус и крстот направен од повеќе пивски гајби на вчерашниот Вевчански карневал. Социјалните мрежи вријат од осуди и коментари.

„До ова ли дојдовте!? Да Го исмевате Оној, Кој заради нас беше распнат и крстот за потсмев да го користите!?“, „Прости им Боже, не знаат што прават!“, „Сквернавење на свети симболи и повреда на верски чувства треба исто така да подлежи на казни и санкции“.

Пред неколку години кога на сличен начин беше сквернавен Исламот, беше воспоставена пракса да се избегнуваат маски со навредлива содржина кон верските чувства. Ова е класично сквернавење на Христијанството и неговиот столб.

„Христос беше распнат на крст за да ги плати нашите гревови, а не за да се исмеваат со него!'', се само дел од коментарите на ФБ.

Бигорскиот манастир бара јавно извинување од организаторите и учесниците на Вевчанскиот карневал за непристојноста и богохулното исмевање на Господ, Бог и Спасителот наш Исус Христос и на сечесниот крст, како и превенирање на слични случувања во иднина.

„Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина. Поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд“, стои во реакцијата на Бигорскиот манастир.

Градоначалникoт на Вевчани не сакаше да коментира, се огради од обвинувањата тврдејќи дека нема никакви ингеренции бидејќи станува збор за самоиницијативни маски од страна на вевчанци кои се чуваат во тајност до самото дефиле.

Инаку ова не е прв пат да има реакции од верските заедници и граѓанските организации за недоличните маски на Вевчанскиот карневал кои можат да се протолкуваат како навредливи кон верските чувства. Пред 11 години маска со Куранот, беше протолкувана како исмејување на исламот, наместо како сатира.