Македонија
8. August 2026 - 16:39

Даниловски: Во скопски региони исполнети се условите за прогласување епидемија од западнонилска треска

Бројот на заразени со западнонилска треска во земјава е многукратно поголем од 20-те лабораториски потврдени случаи, смета професорот Драган Даниловски. Тој посочува дека 80 проценти од лицата кои биле каснати од заразен комарец не развиваат никакви симптоми, околу 20 отсто имаат лесна клиничка слика проследена со нејасна температура, а кај помалку од 1 процент или 1 на 150 инфицирани се јавува тешка форма на болеста. 

- Особено внимателни треба да бидат постарите лица, хронично болните и оние со нарушен имунитет. Ако се јави висока температура, вкочанетот, малаксаност, истоштеност, да се побара лекарска помош.  Нема причина за паника, но има потреба од внимателност, вели проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог.

Покрај личната заштита од комарци, доколку и локалните мерки со вонредни прскања не дадат ефект и бројот  на болни продолжи да расте, според професорот по епидемиологија потребно е да се прогласи епидемија во скопските региони каде има повеќе заразени. 

- ЦЈЗ е надлежно за одредено подрачје и има право автономно/независно од министертсво, комисија за заразни болести, ИЈЗ има право да прогласи епидемија на своето подрачје, ако се исполнети стручните критериуми кои се јасни. Дури ако се закани опасност од ширење на епидемијата , а на скопско ниво во Драчево се исполнети критериумите, дури акко епидемијата се заканува да биде проширена и на други региони, тогаш се вклучува и центаралната власт и прогласува епидемија на пошироки подрачја, објаснува професорот Даниловски.

Во моментот 17 пациенти се на болничко лекување со потврдена западнонилска треска. Тројца се уште се во тешка состојба поради воспаление на мозокот и се на интензивна нега на Инфективна. Повеќето од заразените не патувале надвор од државата.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (EЦДЦ), оваа година во Европа пријавени се 241 случај со западнонилска треска. Најмногу во Италија, Грција, Шпанија и Македонија.