Преглед на вестите од светот
Соединетите држави извршија нов напад врз позиција на Хутите во Јемен. Целта била радарски систем во главниот град Сана, а при денешниот напад биле користени ракети Томахавк. Тоа беше продолжување на акцијата на одредена воена цел поврзана со нападите извршени на 12 јануари дизајнирани да ја намалат способноста на шиитската група да напаѓа поморските бродови, вклучително и комерцијални пловни објекти, наведе Централната команда на САД во соопштението на социјалната мрежа.
Портпаролот на Хутите, Мохамед Абдулсалам, порача дека нападите врз Јемен немаат значително влијание врз способностите на Хутите да продолжат да ги спречуваат бродовите поврзани со Израел да минуваат низ Црвеното Море. Нападите во Црвеното Mоре ќе продолжат се додека трае израелската воена операција во појасот Газа, рече Абдулсалам.
Повеќе од 30 Палестинци, вклучувајќи и мали деца, се убиени во два израелски воздушни напади врз Појасот Газа во текот на ноќта, соопштија палестинските власти. Министерството за здравство во Газа, што е раководено од Хамас, денеска соопшти дека во последните 24 часа загинале 135 Палестинци, со што вкупниот број на жртви во војната се зголеми до 23.843. Израел тврди дека Хамас е одговорен за цивилните жртви, бидејќи неговите борци ги користат цивилните згради и напаѓаат од густо населените урбани области. Од ОН соопштија дека во делови на Газа телата на починатите се оставени на улица и дека луѓето се на работ на гладување.
Нов претседател на Тајван e Лаи Чинг-те, познат и како Вилијам Лаи од владејачката ДПП. Станува збор за поранешниот потпретседател на Тајван, кандидат кој не ѝ одговара на Кина, бидејќи ги отфрла нејзините територијални аспирации кон Тајван. Кандидатот на главната опозициска партија КМТ, Хон Ју-их, го призна поразот. Хон за време на предизборната кампања вети подобри врски со Пекинг и мир во тајванскиот теснец. Лаи имаше уште еден противник, поранешниот градоначалник на Тајпеј, Ко Вен-је, од малата Народна партија на Тајван.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
