Прво па машко- успешна и плодна 2024
Алек е првото бебе родено во 2024, но и прва среќа во семејството Стефковски од Скопје. Малиот јунак дојде на свет само 10 секунди после полноќ и е најубавиот новогодишен подарок за неговите родители кои долго го чекале.
34 годишната Наташа Стефковска која е стоматолог, го родила Алек спонтано, а ноќта со неа своите рожби ги добиле уште две мајки.
- Годинава почна убаво со родени три бебиња спонтано во првите 15 минути по полноќ што треба да биде добар знак дека годината ќе биде подобра и ќе имаме повеќе здрави бебиња и среќни родители, вели Викторија Јовановска, директор на Клиника за Гинекологија.
- На сите жени кои сакаат пород, да го следат примерот на породената која долго чекала и желбата и се остварила..кога, 10 секунди по полноќ, вели проф. д-р Горан Димитров – Клиника за Гинекологија.
Прво па машко значи успешна и бериќетна година, а министерот за здравство го предвидел полот во кладба со соработниците на последниот работен ден од 2023 година.
- При крај на работниот ден во петокот, во релаксирана атмосфера во кабинетот се кладев дека ќе биде машко и се исполни, така да ќе се исполнат сите проекти во здравството кои ги работиме, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.
По машкиот старт во Скопје, женски се првородените бебиња во Штип и Прилеп. Во 01.30 минути по полноќ се породи спонтано со женско бебе, велат од болницата во Прилеп
За многу рожби и среќни родители треба и добра стратегија за пораст на наталитетот, за да не се остварат црните сценарија за демографската слика на земјата. Министерката Тренчевска која беше во посета на првороденото бебе вели работат на тоа.
- Подобри плати и секако посостојни работни места примамливи за младите, ќе успееме да ги задржиме овде и да ги спречиме предвидувањата за демографијата, вели Јованка Тренчевска, министер за труд и социјала.
Првороденото бебе кое го посетија министрите за здравство и труд и социјала, доби скромни подароци.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
