Македонија
29. December 2023 - 16:45

Составот на техничката влада ќе ги чека крајните рокови

Ковачевски и Мицкоски ќе ги чекаат последните рокови за да го договорат конечниот состав на техничката влада за која е веќе е познат премиерот – актуелниот собраниски спикер Џафери, како и кога таа ќе биде избрана – на 28 јануари.

Премиерот не открива и дали Груби ќе ја задржи титулата прв вицепремиер во техничката влада.

Пред изборот на Владата, околу средината на јануари Ковачевски и Џафери ќе треба да си ги поднесат оставките од своите актуелни функции. Нова седица во Собранието е закажана за 16 јануари, но неизвесно е дали таа ќе биде искористена за констатирање на оставките. 

Во меѓувреме, лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за албанската Клан, се пофали дека премиер ќе стане, како што вели, командант Џафери.

Токму тоа што Џафери доаѓа од военото крило на ДУИ е причината поради која Мицкоски веќе брифираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за техничкиот премиер, иако ќе учествува во техничката влада.

Спикерот вчера пак, тврдеше дека тој не е избор на Ахмети поради неговото учество во УЧК, туку дека е коалициски договор на мнозинството. 

Но, Џафери како технички премиер го проблематизира и албанската опозиција

- Имајќи предвид и дека ДУИ го предложи г-динот Џафери за премиер во техничката влада, ние се сомневаме дека таа техничка влада ќе ги исполни овие цели. Затоа што господинот Џафери и во сегашната позиција не беше прославен со неговиот однос спрема институцијата која ја водеше, имајќи предвид дека е предложен политички, имајќи предвид дека е еден од ткн. војници на ДУИ и во делот на партизација на институциите, ние се сомневаме дека тој повеќе работи за спасување на неговите сопартијци и спасување на неговата партија, изјави Касами. 

Касами вели дека нема да дозволи гласот на нивните избирачи да биде злоупотребен и покрај тоа што власта се уште не го избира нивниот член во ДИК.