Loading Video...
Свет
28. December 2023 - 16:55

Преглед на вестите од светот

Единаесет лица загинаа, а 57 се повредени во верижен судир во северозападна Турција. Во сообраќајката учествувале седум возила, меѓу кои три автобуси и камион. Причината за несреќата која се случила утрово на автопатот Северена Мармара во провинцијата Сакарија не е утврдена. Медиумите јавуваат дека областа е покриена со густа магла а видливоста е слаба.

Израелската војска ги засили нападите врз најголемиот град во јужниот дел на појасот Газа, Кан Јунис и бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на палестинската територија. Цивилите кои побегнаа од Северна Газа и се засолнаа таму сега се принудени повторно да бегаат.  

- Седевме и јадевме кога нешто ни прелета преку глава. Немавме ниту еден член на Хамас, ако тие (Израел) велат дека ова е поради Хамас. Посакувам да не дојдовме во Кан Јунис, би сакал да останевме во градот Газа, има ранети овде, има ранети таму, би сакал да останевме во нашиот град, вели Јара Шанан, раселен од градот Газа.

СЗО го повтори повикот до меѓународната заедница да преземе итни чекори за ублажување на страдањата на цивилите во палестинската енклава. 

Во меѓувреме Израел навести можно „ширење на конфликтот на север“ долж либанската граница, каде што не престанува размената на оган помеѓу израелската армија и екстремистите на Хезболах од почетокот на војната во Појасот Газа. 

- Ситуацијата на северната граница на Израел бара промена. Времето за дипломатско решение истекува, доколку светот и либанската влада не дејствуваат со цел да го спречат пукањето врз жителите на северот на Израел и да го оддалечат Хезболах од границата, ИДФ ќе го стори тоа изјави министерот Ганц.

Вчера, Хезболах изврши најголем број прекугранични напади во еден ден од 8 октомври соопшти израелската армија. 

САД ќе ѝ дадат на Украина до 250 милиони долари оружје и опрема во последниот пакет од годината за да му помогнат на Киев во војната со Русија. Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот да и обезбеди на Украина уште 61 милијарда долари воена помош, но републиканците одбиваат да ја одобрат помошта без договор со демократите за зајакнување на безбедноста долж границата меѓу САД и Мексико.

Украинскиот претседател Зеленски рече дека без натамошна помош од Запад ќе им биде тешко да и се спротивстават на руската армија.