Македонија
13. October 2023 - 16:33

Наместо на лидерска средба, датумите за избори ќе ги договара меѓупартиска работна група

Нема да има лидерска средба Ковачевски-Мицкоски на која ќе се договараат датумите за претстојните претседателски и парламентарни избори. Тоа ќе го прави работна меѓупартиска група во парламентот.

Предлогот стигна од премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски. Тој и понатаму смета дека парламентарните избори треба да бидат во редовниот термин, но дека за датумите треба да се разговара.

Од кабиентот на Мицкоски, кој ја предложи и инсистираше на лидерска средба, за Сител потврдија дека ваквиот предлог на премиерот е прифатлив во име на тоа да не се влезе во уставна криза.

„Не планираме да се заглавиме во борба на суети и тесногради и суетни комбинаторики, важно е да се донесат клучни одлуки во кои државата нема да заглави покрај акутната економска во нова уставна криза. Така да, од тој аспект прифатливо е да се разговара на ниво собраниска работна група“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер Џафери пред неколку дена излезе со комбинаторики околу можните датуми, согласно Изборниот законик. Прв можен датум за гласање за претседателски избори е 14 март, додека последен од 5 до 8 мај. Парламентарните избори пак, во прв редовен термин влегуваат првата недела од мај.

Џафери лоцираше дека единствениот можен датум за одржување на двата изборни процеси во ист ден е  5 мај, кога е и празникот Велигден.