Македонија
12. September 2023 - 16:37

Рот: Уставните измени можеби се болни, но се неопходни

Уставните измени можеби се болни, но се неопходни за да продолжи европскиот пат на Македонија. Не е време ни за меѓусебни уцени и сите што сакаат да бидат дел од ЕУ мора да ја продолжат борбата против корупцијата. Ова се двете главни пораки на поранешниот германски министер за надворешни работи и актуелен пратеник во Бундестагот Михаел Рот денеска од Скопје. Рот е втор германски политичар кој во моментов престојува во земјава во контекст на евроинтеграциите и уставните измени.

Тој на конференеција посветена на Берлинскиот процес во Собранието, понуди и шест реформи на самата Европска унија што ќе помогнат и за побрза интеграција на регионот. Рот побара наместо со консензус советот на ЕУ одлуките да ги носи со квалификувано мнозинство со што ќе се избегне ветото. Побара и државите-кандидати кои добро ги исполнуваат обврските од преговарачката рамка да учествуваат во работата на Советот на министри, но и силна регионална соработка на овие држави во делот на безбедноста, енергетиката и инфраструктурата. Тој предлага и држави спонзори за оние држави што сакаат да се приклучат на Унијата.

Без директно да ги спомене уставните измени за кои вчeра порача дека треба да се донесат што побрзо, специјалниот претставник на Германија за западен Балкан Сарацин пак, бара и поголема регионална соработка.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ чии пратеници се неопходни за уставни измени велат дека овие дипломатски посети нема да ги предомислат. Уверуваат дека цела пратеничка група се уште е единствена против уставните измени.

Иако даваат поддршка на евроинтеграцијата, предомислување околу уставните измени се повеќе има и кај албанската опозиција. Од таму велат бесмислено е да се зборува за уставни измени, кога самата власт не е за ЕУ.

Освен Рот и Сарацин, земјава изминатиов период, поради уставните измени ја посетија специјалниот преставник на САД за западен Балкан Габриел Ескобар, како и шестмина министри за надворешни работи на ЕУ.