Колку чини македонскиот пасош доколку странски државјани сакаат да го купат?
Со инвестиција од 200 до 400 илјади евра и кратка постапка која трае меѓу два и пет месеци странски државјани можат да добијат македонски пасош. Издавањето на пасош со инвестиции е утврдено со владина Уредба која ги дефинира условите, а за негово добивање одлучува самата Влада.
Оттаму не ни одговорија колку држајванства се доделени поради економски интерес. Но од јавно достапните податоци, од 2005 до мај минатата година доделени биле 119 државјанства од економски интерес.
Македонско државјанство во пасош можат да добијат и спортисти кои потоа играат за репрезентацијата под македонско знаме.
Доделување на т.н. „златни пасоши“ не е новина и е пракса во повеќе држави во светот. Но по почетокот на војната во Украина западните медиуми пишуваа дека токму ваквите државјанства во замена за инвестиции ќе бидат искористени од руски бизнисмени. Кипар, Бугарија и Малта беа приндени да ја замрзнат шемата поради богаташите од Русија и Белорусија.
Црна Гора до крајот на минатата година имаше програма за доделување државјанство на странци, според која предвидено беше максимум 2.000 странски државјани да добијат црногорски пасош.
На европскиот континент ваква програма има Австрија, каде не е прецизирано колкава инвестиција треба да донесе едно лице. Таму процедурата трае од две до три години, а австрискиот е практично и еден од најсилните во светот.
Турски пасош, на пример може да се добие за 120 дена со инвестиција од 400.000 евра. Таква опција нудат и малите карипски држави и тоа чини од 100 до 150 илјади долари.
На Блискиот Исток, купување на пасош нуди и Јордан и тоа чини 750.000 евра.
Според последното рангирање, македонскиот пасош е на 43 од вкупно 103 позиции. За македонските патни исправи рампата е крената во 125 држави во Европа, американскиот континент и Азија. Во Африка достапни се само две држави, Гамбија и Тунис.
Од балканските држави, најсилни пасоши на ранг-листата, разбирливо, имаат Бугарија и Хрватска кои се дел од Европската Унија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
