Има ли капацитет државата да ги реализира барањата на пензионерите
Евентуално линеарно зголемување на пензиите ќе го наруши досегашното начело за пресметка на пензиите според придонесите за време на работниот век, смета поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Меѓутоа, тој вели дека досегашниот популизам на Владата раѓа популизам и на другата страна, па затоа пензионерите имаат нереални барања за моменталниот пензиски систем. Вели дека доколку минималната пензија навистина стане 18.000 како што бараат пензионерите, тогаш ќе се јави револт кај тие со средни пензии, бидејќи нивните примања ќе се израмнат иако придонеле повеќе во Фондот.
Затоа Хајредини е скептик дека е можно решение.
-Не може 19.000 е просечната, а сега најмалата 18.000. Тие математики кој знае да ги прави? Премногу се проблематични и неостварливи. Меѓутоа, дали ќе најдат некое заедничко решение мене не ми изгледа лесно тоа, вели Хајредини.
Хајредини смета дека не треба да се носат брзи одлуки, туку сериозно да се реформира сегашниот пензиски систем.
-Без сомневање ќе треба коренита реформа на системот затоа што токму ваквите досегашни интервенции под притисок придонеле толку да се деформира системот, па да имаме сега ова што го кажувате 12.000, 10.000 итн. Тоа бара време, труд, време, знаење и искуство, вели Хајредини.
Револтот кај пензионерите доаѓа најмногу од зголемувањето на платите на избраните и именуваните функционери за 78%. Пресметките велат дека доколку нивните плати се вратат на старото ниво, тогаш околу 85.000 пензионери кои сега земаат по 12.000 денари месечно ќе можат да добијат по 1.000 денари покачување.
Нивното незадоволство доаѓа и поради големото покачување на цените што го прави „невозможна мисија“ живеењето со само 12.000 денари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
