Македонија
7. August 2023 - 16:33

Здравствените работници од септември на улица ќе бараат повисоки плати

Незадоволството на вработените во здравството ќе премине во жешка есен. Сите најавуваат протести во семптември ако дотогаш здравствените власти немаат слух за нивните барања.

Повисоки плати за 30 проценти или по одморите сите од хигиеничар до доктор ќе излеземе на улица, се заканија денеска од Независниот синдикат на здравствени работници. Велат дека возач во итна медицинска помош со плата од 22 000 денари не може да го помине месецот а загрозени се речиси сите категории на вработени.

- Ние како независен синдикат ќе се бориме за оваа категорија луѓе. Да се решат аномалиите од првата до четвртата работна група според работните односи. Првата група има поголема плата од четвртата група. Подобро е да го гаснеме оганот додека жари, а не кога ќе се направи пожар. Здравствените работници не може да ги преживеат денот и месецот, изјави Боби Бојчевски од Независен синдикат на здравствени работници. 

Претставници од овој Синдикат денеска на средба со министерот за информатичко општество утврдиле дека има големи аномалии во колективниот договор и како што велат, добиле насоки како да ги решат работите. Бараат болничари и негуватели да не се водат како помошно технички персонал туку како здравствени работници. 

- Ако се водат како здравствени работници, нема да бидат во категоријата минималец. Негувателите и болничарите досега беа понижени и маргинализирани. Останува на работодавците дали ова од денешната средба ќе го прифатат или да продолжат како досега, да не ги признаваат како здравствени работници, изјави Лазо Костовски од Независниот синдикат на геријатрија. 

Минатата недела протести за септември најави и Синдикатот на Клинички доколку здравствените власти не направат регулирање на платите кај илјадници здравствени работници чиј личен доход е под минималната плата.