Македонија
30. July 2023 - 19:57

Повторно активен пожарот во Неготино, локалните служби на терен

По вчерашната петчасовна борба со огнената стихија во Гоцева Шума, во близина на Неготино се беше мирно во противпожарната станица во овој град во Тиквешијата. Се до 14 часот.

Се упативме заедно со неготинските пожарникари кон Гоцева Шума.

- Каква пријава има?
,,Имаме пријава на Гоцевата шума. Гори бор и трева.''
- Тоа е истото место како вчера?
,,Да, истото местото. Од самиот бор, изгорено е дрвото, уште тлее, одиме да го провериме пак“.

Но, уште по самиот пат ни беше јасно дека не станува збор само за тлеење на веќе изгаснати трупови.

Гоцевата шума е единствениот шумски предел во овој дел од Македонија. Се простира на повеќе од 50 хектари. Станува зор за густа борова шума, но тревата околу е доста висока и сува. Поради неа пожарот неконтролирано се ширеше.

Прво со лопати, командирот на ТППЕ Неготино и неговиот колега се обидуваа да спречат огнот да се прошири.

По неколку минути пристигнаа и останатите пожарникари, а брзата организација спречи ширење длабоко во шумата.

,,Денеска е повторно зафатено местото што се гасеше. Во текот на утринските часови направивме проверка. Теренот беше изгасен, немаше пожар. Еве денеска во попладневните часови повторно е активиран.''
- За колкав простор станува збор?
,,Во текот на вчерашниот ден имаше изгорено околу 10 до 15 хектари. Денеска ќе видиме.'' 

Со промената на ветрот, ја сменивме и локацијата. По тешко пристапен терен се качивме на врвот на брдото за да се направи обрач од кој огнената стихија не ќе може да се шири.

По половина час, пожарникарите успеаја да го локализираат. Но, ветрот се менуваше постојано, а со секоја негова промена се отвораа нови жаришта.

Проблем правеа и шишарките, кои кога ќе се запалат, летаат по неколку десетина метри и на тој начин го шират просторот кој е зафатен со оган.

Откако пожарот конечно беше локализиран, неготинските пожарникари сега ќе чуваат стража во Гоцева Шума поради страв повторно да не се запали.

- Кои се причините за ваквите пожари?
,,Се уште не знаеме кои се причините за ваквите пожари, имаше исто овдека голем пожар, но некаде во 21 часот беше се завршено, изгаснато. Имаше контроли во текот на ноќта и денеска немаше никакви индикации дека ќе има повторно пожари или запалување на ваквата шума. Но, во текот на денешниот ден повторно имаше повик дека повторно е настан пожар во истиот реон.''

Сега сите се надеваат дека работата е конечно завршена. Таков знак се и штрковите кои се појавија веднаш откако огнот беше локализиран за да се нахранат од малите животни кои настрадале во пожарот.