Македонија
29. July 2023 - 20:07

Определен притвор за напаѓачот врз началникот на Полициската станица од Струга

Струшкото обвинителство бара притвор, за напаќачот на струшкиот началник нa полицијата меѓу другото, и од причина да не се обиде да го доврши убиството. Осомничениот го обвинувал началникот дека постојано испраќа полицајци за да го следат.

Основното јавно обвинителство Струга излезе со детали за вчерашниот инцидент кога со нож беше прободен началничкиот на струшката полиција наведувајќи дека случајот го води како обид за убиство, за што е осомничен 44-годишен маж од селото Велешта.

Според информациите од ОЈО Струга, осомничениот го престигнал началникот со автомобил, му се заканувал со пиштол, а меѓу двајцата настанала и тепачка.

„Додека оштетениот бил во својот автомобил, осомничениот го престигнал во близина на Медицинскиот центар во Струга и паркирал паралелно со него. Најпрвин започнал да му вика и да му се заканува дека ќе го убие со пиштол, обвинувајќи го началникот дека постојано испраќал полициски службеници да го следат. Оштетениот излегол од возилото и меѓу нив настанала кратка физичка пресметка, по што ги раздвоиле случајни минувачи“,велат од ОЈО Струга.

Потоа, началникот влегол во автомобилот за да повика полиција, а осомничениот го препаркирал неговото возило и излегол со нож во раката.

„Му нанел расекотина под долната вилица кон вратот, со должина од 11 и со длабочина од 5 сантиметри. Веднаш потоа избегал од местото на настанот“, додаваат од струшкото обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, можност да влијае врз оштетениот и сведоците, како и да го доврши обиденото кривично дело.