Комисиска расправа за законот за солидарен данок
Ако поради солидарниот данок, компаниите ги подигнат цените повторно ќе има зголемување на инфлацијата, предвидуваат пратениците од опозицијата. На вториот ден од амандмантската расправа за Законот за солидарен данок, велат дека државата прво мора да се погрижи да постави услови за фунцкионирање на државата бидејќи на 1/3 од територијата не може да наплати данок.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, државата има дупка во буџетот, па власта не може да краде и на овој начин сака да „закрпи“ околу 100 милиони евра.
-Поради немањето кредитен рејтинг на меѓународниот пазар, поради тоа што не ви даваат задолжување по евтини каматни стапки вие морате да најдете начин да направите едно салто за да можете ги прескокнете сите оние барања од ММФ, сето она што беше преземено како обврска преку Законот за буџети, вели пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако главното прашање на опозицијата е за што ќе се искористат пари, конкретен одговор не добија. Власта вели дека ќе се искористат за социјално-ранливите категории, но нема детали кај кого ќе завршат парите.
Првиот финансиер, солидарниот данок го правда со големите трошоци кои државата ги имала за да ги помогне компаниите да ја пребродат ковид-кризата.
-Данок на солидарност е исклучок од правилото кое се носе како вонредно решение за време на кризи со кои се соожуваше нашата економија и граѓаните. Ние имавме енормни трошоци од ковид кризата наваму, енергетската, ценовната криза и цената во претходни години не чинеше околу 2 милијарди евра, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Бизнисот се закани дека при евентуално донесување на солидарниот данок, ќе го оспорат пред Уставниот суд. Велат дека ваков закон ќе донесе несигурност кај инвеститорите и оние кои сакаат да инвестираат.
Денеска заврши вториот и последен ден амандмантска расправа, со оглед на тоа што законот се носи и со европско знаменце и во скратена постапка. На пленарна седница се очекува да се најде в четврток или в петок.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
