Македонија
23. July 2023 - 16:32

Обвинителството се заинтересира за запаленото ауди на Груби

Јавното обвинителство ќе ја истражува сопственоста на „аудито“ на вицепремиерот Груби кое вчера рано наутро беше запалено во скопски Чаир.

И за обвинителите е спорно што возилото го нема во анкетниот лист на вицепремиерот.

-Издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото. Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата. Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности, велат од ОЈО.

Груби вчера на Фејсбук не демантираше дека аудито е негово или дека тој го возел, но кажа дека е на негов пријател и сосед. Ова возило и во минатото се поврзуваше со него, па медиуми пишуваа дека вицепремиерот поставил и флешери на приватно возило. Сепак, неговиот колега, Бујар Османи вчера потврди дека сепак возилото е на Груби.

Опожарувањето на „аудито“ кое Груби не го пријавил никаде, го отвори прашањето за истражување на потеклото на имот.

Во тек се последните консултации за Законот за потекло на имот. Од кабинетот на вицепремирката Грковска за Сител велат дека во моментот се одвива процес за вградување на системски решение кои ќе се имплементираат во пракса.

-Целта на овој закон, кој во јавноста е познат како Закон за потекло на имот е да се опфати секој незаконски стекнат имот, без оглед дали станува збор за носител на функција или за обичен граѓанин. Законот подразбира воведување на конфискација на имот во граѓанска постапка, односно имот за кој има сомневање дека не бил стекнат од законски извори, односно станува збор за несразмерно богатство кое не соодветствува на приходите, велат од кабинетот на Грковска.

Но токму конфискацијата на имот во граѓанска постапка е спорна за Антикорупциската комисијата, бидејќи сметаат дека да се испита неговото потекло. Оттаму веќе доставиле свои предлози и забелешки за Законот. Антикорупциска бара законот да содржи одредби со кои на сите граѓани им се дава можност во одреден рок од влегувањето на законот во сила да го пријават целиот свој имот кој никаде не е евидентиран, а го имаат стекнато од осамостојувањето наваму, без разлика за каков имот се работи.

Меѓудругото, ДКСК предлага во Финансиската полиција да се воспостави електронски систем кој ќе биде поврзан со сите регистри во кои се водат различни видови на имот и при зголемување на имотот на одредено лице несразмерно со неговите приходи, системот да генерира известувања, по што Финансиската полиција ќе треба да постапи.

И партиите со свои гледишта за опожарувањето на „аудито“ на Груби. Опозицијата бара да се истражува потенцијално даночно затајување.

-Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свое возило? Дали Груби има возачки дух па доби Ауди А6, кое не го пријавил, зошто не го купил официјално, исто како што Дрин Ахмети имаше претприемачки дух па ја доби Соравија? ЈО да не го пробива дното и да отвори постапка. ДКСК да не молчи и да реагира. Дополнително да каже дали Груби е еден од функционерите кои имаат свој имот запишан на име на трети лица, за кои говореше нивната претседателка Билјана Ивановска?, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Власта, пак, само го осуди инцидентот.

-СДСМ го осудува палењето на возилото кое го користел вицепремиерот Артан Груби. Ваков акт на насилство е неприфатлив и недозволив. Очекуваме сите надлежни институции, Министерството за внатрешни работи, истражните и судски органи целосно да го расчистат случајот, јавноста да биде информирана за причините, мотивите и сторителите кои треба да понесат одговорност, велат од СДСМ.

Груби во Анкетниот лист кој го доставил до Антикоруциската комисија прикажал дека поседува само едно возило, старо 22 години. Станува збор за „цитроен ксара“ од 2001 година, кое тој го проценил на 1.000 евра.