Македонија
20. July 2023 - 16:37

Американската амбасада со детали за новата црна листа

Корупцијата не смее туку така минува. Одговорните мора да одговараат. По ставањето на бизнисменот Јордан Камчев на црната листа на САД, американската амбасадорка вели дека сега се е во рацете на македонските истражни и судски органи, дали ќе постапат по нивните наводи.

- Ние нема да дојдеме во С. Македонија за да уапсиме некого или да почнеме правен процес. Но интересно е да се види кои последователни активности ќе се преземат, вели Агелер. 

Според Агелер, Камчев ја нарушил довербата во правосудните органи во Македонија. Прашана како Камчев се најде под санкции од САД, кога во Македонија соработуваше со правосудните органи во одредени предмети, американската амбасадорка вели дека одлуката е базирана исклучиво на доказите против него. Доказите, како што рече Агелер, се собрани тука во македонските институции. 

- За нас ова не е политичка одлука, ниту лична одлука. Ова нема никаква врска со самата индивдуа, туку со доказите за нивните активности. Ова се криминални претстапки. Нивната улога тука, дури и ако таа е јавна, не ја менува таа одлука. За нас е многу јасно правно прашање, рече Агелер. 
САД во моментот разгледуваат повеќе потенцијални личности и организации кои би можеле следни да се најдат на црната листа, но Агелер рече дека не знае кој е следен. 

Бизнисменот Камчев од вчера е под американски санкции поради корупција. Стејт департментот смета дека Камчев интензивно се занимава со корупција повеќе од 10 години и дека го искористил своето богатство за да влија врз судовите.