Македонија
7. July 2023 - 16:31

Калајџиев: Државата треба да му го засмета притворот во казната на Миле Јанакиевски

Судот може да го пресмета целокупното лежење во притвор во затворската казна за „Титаник“ за ексминистерот Јанакиевски, смета универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.

Вели дека без разлика што Јанакиевски помина 4 години и 8 месеци во притвор за различни случаи, принципот на правичност бара фер компензација.

Ова доаѓа откако поранешниот прв човек на Транспорт и врски вчера беше спроведен во Идризово за издржување на казна затвор од 3 и пол години.

-Судовите кај нас во принцип ги пресметуваат сите казни кога ќе завршат, кога ќе станат правосилни и определуваат една казна. Таа во принцип е и помала од сите заедно. Тогаш најчесто прават и конечно пребивање на притворот. Меѓутоа, нема никаков проблем. Тоа е пракса велам, но нема никаков проблем тој да побара пребивање на притворот и порано. Бидејќи, тоа се денови кои државата му ги определила зад решетки, на некој начин, а се уште бил слободен човек, туку само заради водење на постапка. На некој начин му ги должи, вели Калајџиев.

Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за неправда кон Јанакиевски. Случајот на Јанакиевски се користел за дефокусирање на јавноста и поради тоа вели дека претставниците на власта треба да одговараат.

-Она што му се случува на Миле Јанакиевски е се само не е правда. Односно, целосна неправда. Кога треба на криминалната влада на ДУИ и СДСМ некаков дефокус, кога треба да се заврти вниманието на јавноста, наместо да ги коментира нивните криминали и корупција, тие тогаш посегнуваат по Миле. Повторно се случува нешто поврзано со Миле како што е сега тоа што тие го направија, вели Мицкоски.

Адвокатите на Јанакиевски веќе најавија дека ќе бараат притворот што го издржувал во сите предмети досега да се пресметаат за казната во „Титаник“. Од Кривичниот суд вчера рекоа дека дополнително ќе одлучуваат по ова прашање.

Јанакиевски од Апелација неделава доби пониска затворска казна од првостепената пресуда. Од 4 и пол, Апелација му ја намали казната на три и пол години затвор.

Тој призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни измами во случајот „Титаник“, освен за злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Обвинителството подоцна се откажа од прогон за ова дело.