МПЦ повика на сенароден протест за законите за родова еднаквост и матична евиденција
Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г Стефан повикува на голем народен собир во четврток во 18 часот против законите за радова еднаквост и матична евиденција. Поглаварот на МПЦ ОА во видео обраќање порачува дека имаме должност да го одбраниме она за што се залагале предците.
Одлуката на МПЦ следува откако власта не ги земала во предвид нивните реакции и ставови и во скратена постапка донесе дел од законите, а за дел од измените се веќе во редовна собраниска постапка. Апелираат дека двата владини закона претставуваат сериозна закана за општеството.
Од Светиот Синод најавуваат дека будно ги следат случувањата и како што велат активните притисоци за носењето на овие закони, и дека се доведени во ситуација да мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред сѐ децата.
Носењето на овие два закони кои неколкупати без повлекувани од собраниска процедура, предизвикаа бурни реакции во јавноста. Со измените на Законот за матична евиденција ќе може да се менува полот со нотарска заверка, односно ќе може да се измени ознаката за пол во матичните книги само врз основа на изјава дека се чувствувате спротивно на вашиот биолошки пол.
Од Платформата за родова еднаквост обвинуваат дека црквата се меша во носењето на законите. Според нив, МПЦ јасно застанува на страната на патријахатот, наместо во заштита на маргинализираните групи.
Во мај петте регистрирани верски заедници во земјава заеднички побараа повлекување на законите.
Од Католичката црква за Сител потврдија дека ќе го поддржат собирот и ќе имаат свои претставници. До четврток и Исламската верска заедница ќе заседава и ќе донесе конечен став каква ќе биде нивната реакција за спорните закони.
Извори од ИВЗ за Сител велат дека не е исклучено и тие да се приклучат на собирот кој го организира МПЦ.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
