Уставните измени и денеска не поминаа на владина седница
15 дена не им биле доволни на службите во Владата да ги подготват уставните измени составени од точно 12 збора. Премиерот тврди дека тоа е причината поради која иако беше најавено, предлог иницијативата за промена на Уставот денеска не се најде на закажаната владина седница.
Но премиерот не се откажува. Вели, ќе ја турка оваа постапка и ќе се надева дека опозицијата ќе даде поддршка. Уверува дека нема да уценува пратеници. Во опозицијата ништо ново.
“Од ден на ден се по очигледно станува дека СДС намерно не го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, за заштита на македонскиот идентитет, бидејќи ги штитат своите властодржци, а тоа се Али Ахмети и ДУИ.
Освен заштита на ДУИ, исто така станува јасно дека заедно сакаат да изведат уште едно предавство кон македонскиот народ, но овој пат тоа нема да им успее.
За ВМРО-ДПМНЕ нема дилема, нема поддршка за уставни измени под бугарски диктат и овој став нема да се промени“ – велат од опозицијата
Единствено што се менува во деновите по лидерската се термините со кои лицитираат владините функционери. Министерот Лога рече дека иницијативата за промена на Уставот ќе се најде на денешната Владина седница по што премиерот го демантираше. Самиот премиер, постапката за уставни измени во Собранието ја најави кон крајот на месецот, а неговиот заменик рече дека тоа може да се очекува на почетокот на август.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
