Македонија
26. April 2023 - 16:37

ВМРО-ДПМНЕ: Уште не почната градбата, Македонија должи 310 милиони евра на Бехтел и Енка

Уште пред да ја фрлат првата лопата,  Македонија веќе им должи близу 310 милиони евра на Бехтел и Енка, тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На брифинг со новинарите на кој присуствуваше и партискиот лидер партијата презентираше делови од Договорот до кој како што тврдат дошле преку свиркачи.

Според опозицијата, a согласно преземените обврски трошоците би изгледале вака.
50 милиони евра за како аванс. Дополнителни 117 милиони евра за подготовка на градилиштето, или вкупно 167 милиони евра кои согласно Договорот требало да се платат до 22 април. Месечно треба да плаќаме и по 2,9 милиони евра за менаџирање на проектот, или 5,8 милиони за март и април. Покрај обврските, ќе мора да плаќаме и пенали. До 6 мај мораме да платиме 53 милиони евра бидејќи не овозможивме работната недела да трае 60 часа.

Покрај овие пари, ќе мора да плаќаме дополнителни 1,2 милиони евра секој месец додека трае изградбата што за период од 60 месеци значи дека ќе платиме дополнителни над 72 милиони евра. Имаме обврска и од 900 илјади евра месечно, која ќе заврши тогаш кога ќе ги направиме законските измени.

Во опозицијата се зачудени и од висината на цената која се плаќа за изведбата на одредени работи. На пример, како што објавија од партијата, за површински ископ на земја, Македонија на Бехтел и Енка ќе им плаќа во просек по 7,4 евра за кубик што е неколку пати повеќе од 2,3 евра колку што во моментов и се плаќа на компанијата Гранит која изведува исти градежни работи.

Сите детали од Договорот премиерот најави дека ќе можат да ги видат и пратениците кои имаат безбедносен сертификат.

И додека пратениците чекаат да го видат договорот кој официјално е тајна, законите кои треба да овозможат негова реализација веќе неколку недели се во собраниска процедура. Ова се пратениците од владејачкото мнозинство со предвидувачки способности кои без да го видат Договорот со Бехтел и Енка точно знаеле кои закони треба да се изменат.