Македонија
28. February 2023 - 16:33

Новите министри влегоа во своите кабинети, замениците допрва ќе се бираат

Кренар Лога во правда, Фатмир Меџити во здравство, Азир Алиу во информатичко општество, тројцата од Алијанса на Албанците и Каја Шукова во животна средина од СДСМ, со 65 гласа во парламентот доцна синоќа станаа министри. Тие денеска го имаа и првиот работен ден на владина седница заедно со останатите свои колеги од кабинетот на Ковачевски, а направија и примопредавање со нивните претходници.

„Мојот фокус како министер за здравство ќе биде нашиот здравствен систем да биде достапен, ефикасен и да ги задоволува потребите на сите граѓани. Ќе работиме на промовирање здрав живот и ќе обезбедиме ресурси и поддршка за превентивна нега, така што секој ќе има можност да води поздрав живот“,порачал министерот за здравство Меџити додека ја преземал функцијата од Сали.

Лога пак, на Тупанчевски му дал уверување дека ќе работи на реформи во правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата.

„Моите претходници започнаа некои навистина значајни процеси и проекти во областите како што се дигитализација, сајбер безбедност и развој на информациски и комуникациски технологии, кои заедно со новите проекти што ги подготвуваме со мојот тим, очекуваме значајно да влијаат на подобрување и позитивна трансформација на целокупниот ИКТ еко-систем “ порачал пак, новиот мнистер за информатичко општество.

Смените во владината коалиција - влезот на Алијанса на Таравари, но и излегувањето на Алтернатива на Гаши и Павле Трајанов, како и резервираноста на Огнената група на ДУИ донесе само еден пратеник плус во владејачкото мнозинство од 64 на 65.

Собраниската седница за докомплетирање на владиниот кабиент и по три недели не е завршена. Продолжува со разрешување на замениците министри во пет ресори.

По разрешувањето пак, ќе следи дебата и за именување на новите заменици министри.