Украински олигарх со руско државјанство и место на црната листа на САД добил македонски пасош
Како избеган украински политичар кој се наоѓа и на црната листа на САД, успеал да добие македонско државјанство?
Прашањето го покрена истражувачката репортерска мрежа Призма, објавувајќи детали од активностите на украинскиот државјанин Олександр Онишченко во последните 6 години.
Според нивните информации, Онишченко во 2016-та како пратеник од партијата на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович бега од Украина откако Антикорупциската комисија отворила истрага за перење пари и корупција.
Неговата следна дестинација е Шпанија од каде бега во Германија откако шпанските власти одлучуваат да го екстрадираат во Украина.
Онишченко поднесува барање за македонско државјанство како истакнат спортист лани, во исто време кога Соединетите Америкнаски Држави воведуваат санкции за него како член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа во 2020-та.
Со одобрение од македонската владата на седница одржана во мај годинава, Онишченко експресно добива македонско државјанство, а за иронијата да биде поголема тој како македонски реперезентативец во коњачки скокови, минатиот месец освојува седмо место во Сен Тропе под боите на македонското знаме.
Во одговорот кој го добивме од Владата се вели дека од нивна страна е одобрено издавањето на македонски пасош за Онишчеко по добиени позитивни мислења од 4 институции – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за млади и спорт, Федерацијата на коњачки спортови и Олимпискиот комитет.
Според податоците на БИРН, иницијативата за доделување на државјанство ја покренува Федерацијата за коњачки спортови од каде оцениле дека Олишченко може да придонесе за развој на овој спорт во Македонија, од Агенцијата за млади и спорт се изјасниле за ненадлежни, а последна институција која дала позитивно мислење за овој пасош е Агенцијата за националан безбедност.
И додека институциите си префрлаат топката, опозицијата обвинува дека овој последен случај само докажува дека власта е неспособна.
ВМРО-ДПМНЕ лани ја обелодени и аферата Мафија, преку која беше откриено дека преку Министерството за внатрешни работи, лажни македонски пасоши добиле 215 лица, дел од меѓународни криминални групи и нарко босови. За аферата приведени беа 9 лица вработени во МВР.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
