Македонија
14. September 2022 - 16:37

Жестоки реакции во Парламентот по одлуката на Џафери да ја отфрли иницијативата за референдум

Дали спикерот Џафери го прекрши или го заштити Уставот. Ден по одлуката да ја отфрли иницијативата за референдум, опозицијата обвинува дека нема постапка која не е прекршена. ВМРО-ДПМНЕ вели дека Џафери не е уставен суд за да ја цени уставноста на иницијативата, туку само нејзината уредност. Левица најави и кривична пријава за првиот човек на законодавниот дом.

Џафери пак вели дека има обврска да го почитува и Деловникот и Уставот и законите, не само како форма, туку и суштински. Дали го прекршил уставот, за тоа ќе решаат уставните судии.

СДСМ и ДУИ со идентичен став и во одбрана на Џафери. Двете партии се сомневаат дека опозицијата намерно поднела правно неуредна иницијатива за да предизвика нови поделби и тензии.

ВМРО-ДПМНЕ не ги открива следните чекори. Дали ќе поднесат нова иницијатива за референдум, следниот период ќе решаваат партиските органи.

Од опозицијата појаснуваат дека референдумското прашање не го прекршува Уставот бидејќи не ја менува содржината на договорот, туку го оспорува законот за негова ратификација. Преашањето  е и во согласност со членот 24 од Законот за референдум кој дозволува граѓанско изјаснување и за меѓународни договори.