Македонија
28. December 2021 - 16:40

Нова Влада до 17-ти јануари, најавува спикерот Џафери

Новата влада предводена од претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски веќе треба да е во функција на 17 јануари, вели собранискиот спикер Талат Џафери кој открива дел од агендата за избор на овој владин кабинет на СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Откако Ковачевски утре од шефот на државата Пендаровски ќе го добие мандатот за составување на Владата, прогнозите на Џафери се дека предлогот во парламентот ќе стигне по божиќните празници.

И додека првите работни денови на пратениците ќе бидат во викенд, оваа година тие не можат да се пофалат со многу работа во Собранието. 

Анализите покажуваат дека народните избраници во 2021 година имале само 77 работни денови за пленарни седници. Тоа во просек значи дека во месецот одвај 6 до 7 денови биле посветени на работа во пленарната сала. Најмногу се работело во март, април и декември, а најмалку во септември, октомври и ноември.

Донесени се 209 закони и законски измени, од кои дури 79 во скратена постапка. Од овие законски решенија само 21 се пратенички, а 188 се од Владата. 

Собранискиот спикер вели дека работеле во ограничувачки услови поради Пандемијата, паузата поради локалните избори, но и поради нестабилното мнозинство и оставката на Заев.

Џафери го одби и вчерашниот предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за итна седница за пратенички прашања со истото образложение поради кое ги одложи и редовните пратенички прашања во четвртокот: Владата е во оставка.