Македонија
23. December 2021 - 16:48

Заев и Владата испратени со аплауз од опозициските пратеници, реакции за откажаните пратенички прашања

Собранискиот спикер Талат Џафери ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев. Веднаш откако таа вчера била доставена во Собранието, Џафери согласно Уставот и Деловникот за нејзе ги известил пратениците и шефот на државата Пендаровски. На седницата не присуствуваше Заев и министрите, а опозицијата аплаудираше по повод оставката.

Од пратеничкатра група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев е премиерот кој нема да и фали на Македонија, а од Алијанса на Албанците пак велат, оставаката. е задоцнета

 „Зоран Заев е најнеугледниот премиер на Македонија кој треба да оди во заборав, но грешките и проблемите кои ги предизвика ќе се развлекуваат со години. Зоран Заев е премиерот кој нижеше само капитулации. Ја донесе државата во подредена положба, и во односот со Бугарија ја понижи....Правосудниот систем стана заробеник на власта, судски пресуди се диктираа и се уште се диктираат од него или луѓето околу него, а обвиненија се конструираат по нарачка...“

 „Оставката на Заев веќе е задоцнета и само покажува дека тој си поднел оставка кога личната состојба не му е добра, а не кога државата и граѓаните не се во добра ситуација..За жал државата и граѓаните одамна не се во добра состојба, особено по две трагедии онаа на модуларната болница и несреќата во Бугарија за кои уште нема одговори и никој не сноси одговорност“,рече Илире Даути, Алијанса на Албанците.

Оставката беше констатирана на почетокот на седницата закажана за пратенички прашања по што Џафери ја затвори седницата како беспредметна. Тоа за опозцијата е неприфатливо бидејки до изборот на нова Влада, согласно Уставот владата на Заев е во функција.

Од СДСМ пак, возвраќаат дека опозицијата може да учи за демократија, одговорност и отчетност од премиерот во заминување Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, со инсистирање на одржување на седница посветена на пратенички прашања повторно се обидува да ја одолговлекува работата на парламентот и да го одложи носењето на законите, кои подолго време чекаат на дневен ред. Беспредметно е одржување на седница за пратенички прашања во услови кога целата Влада е во оставка и работи само на техничко ниво“, велат од СДСМ.

Претходно Џафери на брифинг со новинарите рече дека не постои законска одредба да нема пратенички прашања, но дека тоа била воспоставена пракса.

Со констатирањето на премиерската оставка во оставка е и целиот владин состав и почнуваат да течат рокови за избор на новата влада. Пендаровски има рок од 10 дена да го даде мандатот за составување на Влада на новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, а тој пак има време од 20 дена да го состави новиот владин кабиент.

Новата влада според плановите треба да се избере кон средината на јануари со поддршка на 64 пратеници од коалицјата на СДСМ, ДУИ и Алтернатива.