Почнува реализацијата на најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во вредност од 50 милиони евра
Означен стартот на изградбата на трансформаторската станица во Охридско – струшкиот регион која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 киловолтен интерконективен далекувод Битола и Елбасан. Премиерот Заев најави дека оваа капитална инвестиција вредна 50 милиони евра која се очекува да биде завршена во 2023 година е од огромна важност за градење поразвиена и постабилна енергетска инфраструктура во земјава и во регионот.
- Изградбата на далеководот ќе придонесе во поврзувањето и регионалното интегрирање на енергетските пазари и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија, истакна министерот за економија Бектеши.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека денешнава објава на настан за поставување камен темелник за изградба на 400 kV далекувод Битола-Елбасан е очајнички обид на власта да прикаже дека нешто работи.
- Кредитот од ЕБОР обезбеден на крајот од далечната 2015 година во време на ВМРО -ДПМНЕ денес требаше да резултира со пуштање на далекуводот во погон и изградена 400 kV трафостаница во Охрид, со што ќе беше завршен коридорот Исток-Запад од енергетски аспект, ќе беа подобрени напонските прилики во југозападниот регион на државата, ќе се зголемеше сигурноста и доверливоста на системот и ќе се овозможеше зголемен транзит на електрична енергија. Наместо тоа, денес имаме предизборен циркус каде главен збор е “ќе” и сликање со кое ќе не занимаваат во предизборниов период преку провладините медиуми, велат од партијата.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
