Почнува 47-то издание на фестивалот „Пеце Атанасовски“
За прв пат после 25 години од неговата смрт ќе се слушне звукот на гајдата на Пеце Атанасовски која веќе четврт век не е допрена и никој нема свирено на неа. Тоа ќе се случи вечерва во Прилеп на Камената бина во центарот на градот на 47-то издание на Фестивалот за народни песни и инструменти кој денес го носи името на овој наш великан. Неговата ќерка Весна Вучиќ Атанасовска истакна дека сите се возбудени да слушнат како ќе звучи оваа гајда после две и пол децении.
„25 години таа гајда мируваше, годинава на неа ќе засвири професот Горанче Ангелов, ќе ја слушнеме утревечер во Прилеп, но и во Рудина во Долнени. Да се потсетиме и да видиме каков ќе биде звукот после 25 години незасвирена, Првата гајда во светот, се надевам на задоволство и на учесниците и на оние кои ќе бидат присутни“, вели Весна Вучиќ Атанасовска, ќерка на Пеце Атанасовски.
Со гајдата ќе засвири етномузикологот Горанче Ангелов, кој ги повика младите повеќе да се занимаваат со фолклорот затоа што со неговото изумирање неповратно исчезнува дел од нашата традиција, историја и култура.
„Се уште постои една одбојност кај голем дел од населението во Македонија дека овие инструменти се стари, не се интересни, не се атрактивни, но морам да кажам дека се што е старо е се повредно и повредно. Со самото исчезнување на овој дел од нематеријалното богатство ние губиме нешто за трајно“, истакна Горанче Ангелов, етномузиколог, проф. на музичката академија во Штип и член на Управниот одбор на Фестивалот.
Комисијата годинава имала тешка задача да одбери 320 учесници од околу 600 колку што биле пријавени. По 9-ти пат во состав на Фестивалот се одржа и Семинарот за народни песни и инструменти.
„Во состав на фестивалот ни е и научниот симпозиум во кој трета година по ред го објавуваме Зборникот на трудови на тема: „Фолклорот во минатото и денес“. Во кој зедоа учество 12 еминентни научници со свои трудови“, рече Горан Василески фолклорист и секретар на Фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“.
Фестивалот започнува вечер, а продолжува утре на Рудина во Долнени. Утре во 18 часот ќе има и бесплатен превоз од Прилеп до Долнени за сите оние кои сакаат да бидат дел од настанот. Ќе се доделат вкупно 13 награди за најдобрите вклучително и наградата „Гајдата на Пеце Атанасовски.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
