Археолозите тргнаа во истражување на стотина локалитети на Беласица
Археолозите од Струмица тргнуваат во истражување на богатствата на Беласица.Велат, освен природното планината крие и богато културно историско наследство за кое малку се знае. Според расположливите податоци само во струмичкиот дел на планината има преку стотина археолошки локалитети за кои стручната јавност има податоци, но не се доволно истражени.
„Само во струмичкиот регион, односно на потегот од Бугарско Македонската граница па се до границата со општина Валандово до сега се регистрирани околу сто археолошки локалитети. Овие локалитети се со хронолошки распон од праисторијата, односно од неолитот па до средниот век“ - вели Д-Р Душко Цветанов - Археолог.
Освен културното, планината има и големо историско наследство. Во првата светска војна низ неа поминувал солунскиот фронт. Остатоци од различни објекти и денес се видливи на терен. Меѓу нив има управни згради, касарни, магазини, оружарници, коњушници. Како сведоштво за еден период и денес може да се видат голем број на бункери и долги рововски линии добро поврзани со соодветни патни коридори пробиени во нај непристапните предели на планината.
„Наша цел како НУ Завод и музеј Струмица е да ги истражиме и документираме овие објекти и секако соодветно нивно презентирање на пошироката јавност“ - вели Цветанов.
Освен дополнителни информации за големото богатство на планината, од струмичкиот завод и музеј очекуваат реализацијата на истражувањата и новите сознанија да бидат и причина плус за посета на планината Беласица.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
