Ниту еден од 13-те обвинети полицајци за пожарот во „Пулс“ не призна вина

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети во предметот поврзан со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а 223 беа повредени. На денешното рочиште обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, додека обвинителството оцени дека полициските службеници со пропусти во постапувањето придонеле за настанување на трагичните последици.
Судскиот совет, со кој претседаваа судијките Фанка Јанчулева Михаиловска и Лидија Петровска, најпрво го одби барањето за изземање на судијката Петровска поради роднински врски со сопругата на еден од адвокатите на оштетените, оценувајќи дека станува збор за подалечно сродство без интензивна комуникација.
На подготвителното рочиште, одбраната достави дополнителни докази и побара одложување на постапката до завршување на главниот предмет што се води за пожарот во „Пулс“, со образложение дека станува збор за суштинско претходно прашање. Судот го одби предлогот.
Во текот на расправата, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска оцени дека одбраната не дала конкретен одговор што точно е спорно во обвинението.
– Очекував ова рочиште да биде поконструктивно. Може да продолжиме со рочиште за главна расправа. Сте ги примиле доказите и сте имале можност да се запознаете со нивната содржина, во оваа фаза постојат услови за одржување на главната расправа – рече судијката.
Обвинителката Спасенка Андонова во воведното излагање наведе дека обвинителството спровело обемна истражна постапка и обезбедило бројни материјални и вербални докази.
– Содржината на обезбедените докази е преточена во диспозитивниот дел на обвинението во кој е даден опис на дејствијата на обвинетите, односно начинот на кој постапувале критичниот период којшто им се става на товар од 14.03 до 16.03.2025 и кои дејствија како такви несомнено надоврзани едно на друго резултирале со сериозни последици по животот и телото на граѓани – рече обвинителката.
Според обвинителството, обвинетите Марија Маневска и Томо Донев изготвиле план за акциска контрола без да ги опфатат сите проверки што биле во надлежност на МВР и без соодветна проценка на ризик, додека пак, раководните лица Дејан Салтировски и Ванчо Ѓоргиевски, не го потпишале и одобриле планот навреме туку тоа било сторено по трагичниот настан.
Обвинителството тврди и дека полициските службеници кои биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства, иако можеле да ги забележат на сцената.
– Полициските службеници влегувајќи во кабарето „Пулс“ имале можност да го забележат постоењето на ваквата пиротехника на бината. Но, ниту презеле ниту едно дејствие во насока на проверка на дозволеноста на употребата на истата, ниту пак се фокусирале во поглед на преземање понатаму на дејствија кои би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните од објектот – рече Андонова.
Сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.
Во воведниот збор на одбраната беше оценето дека обвинението е контрадикторно и дека не постои причинско-последична врска меѓу постапувањето на обвинетите и пожарот, како и дека полициските службеници постапувале според вообичаен акциски план и дека не можеле да знаат дека ќе биде употребена пиротехника. Според одбраната, полициските службеници на критичниот ден биле неколку минути присутни во кабарето и истите почнале да работат по обврските наведени во планот за акциска контрола и не знаеле и не можеле да знаат дека воопшто ќе се користат пиротехнички средства кои ќе предизвикаат пожар.
Одбраната најави дека во текот на постапката ќе докажува дека акцискиот план бил законски донесен и дека дел од обвинетите воопшто не влегле во кабарето „Пулс“.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. На критичната ноќ кога избувнал пожарот, полициските службеници ниту ја прекинале забавата ниту спречиле активирање на пиротехниката.
Обвинението во судската постапка го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп изјави дека прекинот на огнот е на „апарати за дишење“, го нападна „глупавиот предлог“ на Иран
-

Товарно возило усмрти 89-годишен росоманец, затворен патот Градско – Прилеп
-

Муцунски за „средбата“ со Чамова: Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци
-

Лазаров: Словачка е репрезентација која има изграден систем
-

Жалбена расправа за убиствата на Вања и Панче: Палевски тврди дека има пропусти, обвинителството ја брани пресудата
-

Ниту еден од 13-те обвинети полицајци за пожарот во „Пулс“ не призна вина
-

Агенцијата за филм во август ќе распише конкурс за снимање македонски серии
-

СЗО: Ризикот од хантавирус во Европа е низок
