Македонија
25. January 2024 - 21:25

Неизвесно е дали Македонците кои работат во странство ќе можат да се вратат со стари пасоши

Туристичките агенции се загрижени поради проблемите со пасошите и раните букирања на термини за одмор. До оваа година, голем број лица, сакале да ги искористат попустите и предвреме да го уплатат аранжманот за летување. Но, поради неможноста и неизвесноста дали ќе извадат нови документи за идентификација, сега ретко кој се одлучува да резервира предвреме. Ако не се пролонгира рокот за валидност на документите за идентификација, очекуваат големи загуби оваа сезона.

- Ако ова продолжи вака во ова темпо, ќе имаме проблеми. Никој ништо не не информирал, ниту знаеме што да им кажеме на патниците. Едноставно, чекаме и ние - изјави Иво Крстевски, туристичка агенција 

Не е мал ни бројот на лица кои веќе работат надвор од државата. Бројката на сезонски ангажирани работници е над 24 илјади. Дел од нив се во прекуокеанските земји, дел се во европските, но има и на бродови кои крстарат по неколку месеци и не можат веднаш да го прекинат договорот и да се вратат во матичната земја. Паниката е голема, информациите кои ги добиваат од конзуларните претставништава  – штури.

- Дипломатските претставништва се оглушуваат на барањата да ни дадат информации дали тие лица ќе можат да ги користат пасошите или не. Според она што го добиваме како информација од амбасадите е дека ќе мора да вадат патни листови за да можат да патуваат, а пасошот ќе биде невалиден. Тоа ги става во незгодна ситуација сите работници кои работат во странство, затоа што можат да бидат вратени од некој граничен премин. Едноставно ќе им кажат- немате валиден документ. Сега тие лица ќе мора да се вратат, а со тоа можат и да ја изгубат работата- изјави Зоран Кочоски, Агенција за посредување на работа во странство 

Информации ниту од Министерството за надворешни не можат да добијат. Телефонските броеви им се исклучени, па сега не знаат како да постапат.

- Имајте во предвид дека нема во секоја земја конзулатно претставништво. Сега тие лица ќе мора да патуваат во други градови за лично да поднесат барање на патни листови. Ние не сакаме нашите граѓани да бидат вратени од некој граничен премин, затоа што покрај во европските земји, имаме лица кои работат во Нов Зеланд, во Австралија, во Кина, Индија. Како да постапат овие лица- е прашање од милион долари, додава Кочоски 

Одговори побаравме и од МНР. Ги прашавме дали ќе можат македонските државјани кои работат во други земји да се вратат дома и по 12-ти февруари, кој е крајниот рок, каде да се обратат за помош, но наместо одговори, не информираат дека МНР ги зајакнало капацитетите на дипломатските и конзулатните преставништва со дополнителни човечки ресурси, со цел поефикасно процесирање на барањата.