Наместо да нема полагање со пенкало, Лога ќе го озаконува за прием на идни судии и обвинители
Не само за оваа година, туку секогаш кога електронскиот систем нема да биде во функција, кандидатите на Академијата за судии и обвинители наместо електронски, ќе полагаaт класично писмено на лист хартија.
Министерот Лога ќе го озаконува полагањето со пенкало за кое стручната јавност реагираше дека може да биде злоупотребено и да има манипулации при приемот на идни судии и обвинители.
Измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како што велат од Министерството за правда, веќе се доставени во Владата.
„Во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите“, објаснуваат од Правда.
Од друга страна, иако премиерот Ковачевски се огради од став околу полагањето на приемниот испит во Академијата, тој излезе со силна критика за тоа како се прават списоците за идните судии и јавни обвинители.
Директорката на Академијата Наташа Габер пак, без коментар за критиките на Ковачевски, а за полагањето со пенкало ни одговори: „Ако не постои законска основа нема да има полагање во Академијата“.
Проблемот со начинот на кој ќе се полага во Академијата се појави во декември кога државата задоцни со тендерот за фирма што ќе го одржува електронскиот систем за полагање во државните институции. Поради ова, од Академијата за судии и обвинители ја известија Владата дека не можат навреме да спроведат електронски приемен испит за 130 кандидати, како што бара Законот.
Владата пак, најде решение со тоа што на 26 декември со заклучок го преиначи законот и приемниот наместо електронски, одреди испитот да се спроведе писмено на хартија, а проверката на тестот да биде направена со електронски читачи.
Токму поради тоа од Академијата направиле нов роковник според кој првиот квалификациски текст го закажале од 22 до 26 јануари и тоа во писмена хартиена форма, како што одредила Владата.
По реакциите дека со владин заклучок не може да се менува закон и дека со хартиеното полагање нема гаранции дека кандидатите сами ќе го одговараат тестот, од „Павле Шатев“ излегоа со соопштение дека „Во моментов, Управниот одбор на Академијата ги разгледува сите можности за спроведувањето на квалификацискиот тест согласно закон“.
Конкурсите на Академијата за судии и јавни обвинители редовно предизвикуваат реакција во јавноста со сомнеж дека до нејзе пристап имаат само привилегирани кадри, најчесто роднини на актуелни политичари или, судии и јавни обвинители.
Објективни услови за прием на кадри во правосудството постојано бара и Европската Унија како едно од решенијата за подобро владеење на правото и намалување на корупцијата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
