Најверојатно повторно ќе се намалуваат акцизите на горивата
Повторно ќе се активираат мерките за цените на горивата. Владата најверојатно викендов на вонредна седница ќе ги намали акцизите и за бензините и за дизелот. Прво ќе се анализраат цените на берза во изминатите две недели. Одлуката би требало да важи од понеделник на полноќ, истовремено од кога ќе стапат во сила и новите цени од Регулаторна. Со овa се очекува да биде продолжена и кризната состојба, која истекува во понеделник.
„Да почекаме, денеска сме 15-ти, да затворат берзите за да направиме анализа за првите 15 дена. Имаме убедливо најниска цена на горивото. Некој ќе рече „ама платите кај нас какви се, во Германија какви се“. Да, ама цената на горивата е од берза, од таму каде што купува Германија, купуваме и ние. Не купуваме ние од друго место, ние немаме во двор извор на нафта, па од тој извор на нафта да ги полниме резервоарите на нашите автомобили. Прашањето е зошто е таму двапати поскапо? Зошто во Албанија е 70 % поскапо? Зошто во Грција е речиси двапати поскапо? Зошто во Србија е 50 % поскапо? Тоа се политиките на оваа Влада во насока на подобар стандард за граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.
Од претходното намалување на акцизите, државата изгуби околу 24 милиони евра.
Покрај цените на горивата, Владата ги следи и цените на храната. Во финална фаза е и анализата на околу 600 основни производи, која ги следи маржите низ целиот синџир – од производителите до трговците.
„Онаму каде што нема пазарна логика во зголемувањето на некои цени, маржи и така натаму, е таму ќе реагираме бидејќи не сакаме да прават екстра профити на грбот на граѓаните во вакви тешки услови кога имаме светска економска и енергетска криза. Значи, мораме да внимаваме, тоа го сублимираме, разговараме, нон-стоп имаме дијалог, тоа ќе го потврдат и стопанските комори. Имаме дијалог и со маркетите, и со трговците, и со добавувачите, производители, имаме нон-стоп имаме комуникација со увозниците“, кажа заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Цените на горивата и храната не се официјално предвидени како точка на дневен ред на утрешната седница на Економско-социјалниот совет. Но, од Министерството за економија не ја исклучуваат можноста да се отвори дискусија и за овие прашања доколку тоа биде предложено од членовите на Советот.
На утрешната средба меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, треба да биде усвоена владината потрошувачка кошничка. Тоа не е мерка за цените, туку пресметка што ќе ја прави државата за тоа колку пари му требаат на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот. Таква математика прави синдикатот и ја нарекува минимална кошница, но власта не ја прифаќа и најави дека ќе си прави своја, просечна. Треба да почне со примена од септември. Утрешната седница на ЕСС е 8-ма по ред во мандатот на оваа Влада.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
