Македонија
10. јуни 2026 - 12:15

Над 100 текстилни работници од две штипски конфекции без плати и придонеси

Над 100 текстилни работнички и работници од двете штипски конфекции „Фарматекст“ и „Европа фешн“ кои лани останаа без работа, повеќе од година ги чекаат неисплатените три плати, придонеси и К-15. Дел од нив, револтот го изкажаа преку протест, за да побараат македонските институции да застанат во одбрана на нивните права.  Управителите на компаниите се од Бугарија, а некои од работниците во нив работеле скоро две децении. 

- Не оставија на милост и немилост, без пари, здравство неплатено, не те прашуваат дали имаш или немаш. Јас се вртам накај Бугарката и она ми вика ќе се снајдете. Е па како да се снајдеме? Викам: „Ама јас ќе ти ги земам сите пари, па ти се снајди.“ И она трае и ме гледа. Како можеш да се снајдеш кога ти немаш ништо четири месеци без пари? А како да се снајдеш? Прво и прво до здравство не можеш да дојдеш, а сите сме под лекарства, изјави Светлана Петкова, текстилна работничка.

- Очекуваме дека барем основата што треба државата да ја преземе за нас, како што е заштита на нашите права, плаќање на придонесите, да не останеме само како бројка што биле напуштени без никаков приход- Анета Јованова, текстилна работничка.

Двете компании на работниците им должат над 13 милиони денари. Бидејќи, се работи за германски капитал, од „Гласен текстилец“ со проблемот ги запознале тамошните институции.

- Германските институции веќе преземаат чекори, бараат информации од сопствениците, односно германскиот холдинг, Feldkoess Holding GmbH, и одговорните лица, односно управителите на двата правни субјекти, Фермак Текс и Европа Фешн, коишто управители се од Република Бугарија. И исто така тие ги информираа и германските амбасади во Скопје и Софија, па и еве се прашувам зошто германските институции повеќе се залагаат за правата на работниците во Македонија отколку самите македонски институции коишто се платени од нас , изјави Кристина Ампева „Гласен Текстилец“.

Поднесени се пријави, документи и претставки до Државниот трудов инспекторат, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, како и до Одделот за економски криминал при МВР.