МВР трага по оние кои ширеле паника дека скопската вода е загадена со ешерихија коли
Министерството за внатрешни работи продолжува да повикува на информативен разговор лица од чии профили вчера се повикуваше да не се пие водата во Скопје поради присуство на бактерија, што попладнето беше демантирано од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ЈП Водовод и канализација и Министерството за здравство.
- Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста - посочија изутринава од МВР за МИА.
Лажните информации за наводно присуство на опасната бактерија Escherichia coli во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција потенцираше дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема никаква ешерихија коли или други бактерии.
- Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. И одговорно тврдам и стојам позади тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. И било што и да се случува, ние секогаш нема да се соочуваме со добри вести и добри информации. Знаете дека барем кај мене има транспарентност и секогаш навремено ја информирам јавноста – преку социјални мрежи, преку медиуми...- рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека станува збор за ширење злонамерни дезинформации и создавање хистерија.
- Уште од вчера имав информации дека од одредени центри се спрема момент во кој што ќе се шири паника во Градот Скопје дека наводно е присутна одредена бактерија во водата. Тоа започна пред некој ден со одредени приказни на терен дека постоело опасност поради депонија која е на 30 километри од изворот Рашче, да се контаминира водата и да се загрози изворот. Денеска се чисти депонијата од страна на „Водовод и канализација“ и останатите служби, но никој не спомна дека таа депонија се наоѓа 30 години наназад. И откога вчера при мое обраќање преку социјалните мрежи го разбив тој меур од сапуница кој сакаа да го создадат поединци, а доаѓаат од одредени центри на опозицијата, се појави ова сега со наводни бактерии - рече градоначалникот.
ЈП Водовод и канализација попладнето го објави документот во којшто се гледа дека во скопската вода нема Escherichia coli и најостро ги демантираше информациите. Нагласија дека се направени дополнителни анализи и дека водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба.
Според Кривичниот законик креатори на лажни вести поврзани со болест и оние кои свесно ги пласираат во јавноста можат да сноса кривична одговорност.
Согласно членот 205, став 5 од Кривичниот законик „тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци“. Доколку истрагата утврди пак, дека дезинформациите потекнуваат од вработени во градските власти или јавните претпријатија кои ја искористиле својата позиција за пласирање непроверени информации, доаѓа во предвид и дополнителна кривична одговорност по фамозниот член 353 за злоупотреба на должноста каде казните исто така се затворски.
Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, пак, предвидува санкции за секое лажно алармирање на јавноста кое го нарушува редовниот животен ритам, со тоа што прекршочната одговорност ја исклучува кривичната, бидејќи не е можно за исто дело да се гони и прекршочна и кривично.
Ново на Сител
-

Teма на денот со Оливер Спасовски
-

25 години од Охридскиот рамковен договор
-

Артан Груби заработи обвинение, се бара и продолжување на домашниот притвор
-

Кој стои зад информациите дека водата во Скопје наводно е небезбедна за пиење?
-

Петрушевски: СДС е како бунар без дно за ширење паника што станува опасно за граѓаните
-

Борозан: Власта веднаш да направи анализи на водата во цела држава и јавно да ги објави резултатите
-

Се чисти депонијата кај изворот Рашче
-

25 години Рамковен договор: Стабилноста се гради со дијалог, а иднината со инвестиции
