Македонија
29. July 2026 - 16:37

Мисајловски од Штип: Армијата со нова опрема и мисија

Припадниците на Армијата остануваат во Гостивар за да продолжат да им помагаат на жителите во справувањето со недостигот од безбедна вода за пиење, преку дистрибуција на вода и поддршка на надлежните институции. Нивното присуство значи сигурност и солидарност во моменти кога на граѓаните им е најпотребна помош, додека институциите работат на целосно нормализирање на водоснабдувањето, изјави денес при посетата на штипската касарна министерот за одбрана Владо Мисајловски. 

- Нема лимит, додека сме потребни таму ќе бидеме. Се разбира, дали ќе се користи капацитетот на армијата доволно или не, во овој момент тоа е второ прашање. Прво прашање е дека армијата е таму и останува да помогне, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.

Мисајловски нагласи дека армијата интензивно се модернизира и опремува, за да ја подигне својата борбена готовност, но и да интервенира секаде каде што е потребно во мирнодопски услови.

- Треба да стигнат 2 хеликоптери, имаме многу тендери за оружје. Очекуваме и 10 оклопни возила од Турција да стигнат. Паралелно се работи и тендерот за униформи и во завршна фаза е да стигнат преку 4000 униформи. Во постапка е набавката на 4000 пара на чизми, додаде Мисајловски

Покрај во опрема, министерство инвеститра и во инфраструктура. Во штипската касарна во период од 6 месеци реконструирани се 2 згради со преку 1000 квадратни метри.

- Преку 100 милиони денари ќе потрошиме само во касарната во Штип, односно, тоа се пари на граѓаните наменети за касарните или поточно за македонската војска, изјави Мисајловски

Со ваквите инвестиции и постојаната подготвеност за ангажман на терен, Армијата ја зацврстува својата улога не само како гарант на безбедноста, туку и како поддршка на граѓаните во кризни ситуации.