Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија изминатите 35 години беа сопатници низ времето

ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија изминатите 35 години беа сопатници низ времето. Ние сме млада демократија, 35 години не значи премногу, но е доволно за да направиме ретроспектива, да видиме колку имавме подеми и падови. Учевме и растевме од падовите, се обидувавме да станеме што е можно побрзо и создадаовме прекрасна приказна наречена Македонија, а демократијата е процес кој допрва ќе продолжиме да го растеме и усовршуваме, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, отворајќи ја првата политичка платформа „Повеќе учество, повеќе демократија" што ја организира Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ по повод 15 септември - Меѓународниот ден на демократијата.
Како што оцени Мицкоски, деморкатијата е на високо ниво, не само во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, туку и во рамки на државата.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била за независна, демократска, суверена држава.
-Партијата во времето кога се уште бевме дел од поранешната СФРЈ, зборуваше за независна, демократска и суверена држава со свои банкноти, химна, армија, спортски репрезентаци,... Како резултат на тие политики во 1991 година се случи акламативно изјаснување на граѓаните да имаме независна, сопствена држава, а демократијата да извира од народот. Роден сум во еднопартиски систем, како тинејџер бев во независна Македонија, а сега учествувам во демократските процеси и ја предводам најсилната органзиација. Убеден сум дека во иднина ќе можеме да видиме која генерација што и колку направила за демократијата да биде позрела од претходната, напомена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На отворањето на платформата која почна со интонирање на македонската и химната на ВМРО-ДПМНЕ, по Мицкоски, се обрати и Марија Митева, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата.
-Сметаме дека демократијата не е нешто што се подразбира, туку нешто што бара да се гради, унапредува и достоинствено да се брани. Демократијата не е институционална формула што едноставно сме ја усвоиле и прифатиле, туку нешто што го доживува секој човек преку тоа дали се слуша неговиот глас, дали се исплати трудот што го вложува. Ниту еден демократски процес не се случил случајно, ние денес можеме да се натпреваруваме со идеи зашто генерации пред нас овозможиле да имаме независна држава и независни институции. Кога сега зборуваме за демократија, зборуваме и за нашето сопствено партиско политичко искуство, а тука е приказната и за жените кои во политиката не се вклучиле од вчера, напротив, биле дел од сите општествени процеси, потенцира Митева.
Во рамки на платформата ќе се одржат две панел-дискуси: „Учеството како двигател на демократијата“ и „Улогата на политичките партии во демократското учество“.
На првиот панел ќе учествуваат Тимчо Муцунски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Ивановска, генерален секретар на Извршниот комитет на Унијата на жените и државен секретар во Министерството за образование и наука, Ана Шутиновска, член на Извршниот комитет на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, како и Маре Богева, член на Извршниот комитет на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ и директорка на Бирото за јавни набавки. На вториот панел ќе зборуваат Владо Мисајловски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за одбрана, Ленче Нелоска, потпретседателка на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Геронтолошкиот завод во Скопје, Драгана Арсова, член на Извршниот комитет на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, како и Елена Кочоска, член на Извршниот комитет на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ.
На првата политичка платформа „Повеќе учество, повеќе демократија" учествуваат и други високи членови на партијата, на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и министери во Владата.
Ново на Сител
-

Кипарската полиција откри 260 килограми кетамин во магацин во пристаништето Лимасол
-

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија изминатите 35 години беа сопатници низ времето
-

Кратовец осомничен дека прободел со нож полициски службеник
-

За смртта на грчкиот пејач Мазонакис двајца лекари се товарат за убиство со евентуална умисла
-

Активен пожарот кај крушевско Борино, под контрола е на Јаесен и кај село Белица
-

Трамп: Украина и Русија се согласија да не напаѓаат енергетски објекти
-

Павловска-Данева: Интерпретативните одлуки се важен чекор кон развојот на современата уставно-судска практика
-

Голем успех за Филип Шулевски – ново најдобро македонско време на Ironman
