Македонија
14. February 2024 - 16:43

Мицкоски со нов апел до пратениците за продолжување на рокот за пасошите

Околу 650.000 Mакедонци во моментов се без валиден пасош, откако вчера стапи на сила одредбата од Преспанскиот договор. Налик карантин, не може ниту да излезат ниту да се упатат кон Македонија без важечки пасоши. Оставени на милост на граничарите од други земји дали ќе ги пропуштат на граница, засега успеваат да влезат само во Албанија, Косово а од денеска и во Србија.  

Во битката за закажување за термин за патна исправа, губат граѓаните- телефоните блокирани, не може да се закаже термин.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, со нова иницијатива - да се продолжи важноста на пасошите. Бара од пратениците да дадат поддршка на иницијативата.

Првиот чекор го направи лидерот на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски. Денеска поднесе кривична пријава против неговиот поранешен сопартиец и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Да одговара кривично за идавањето лични документи со старото име, се до средината на 2021 година. Кривично да одговараат и Спасовски и министерството со кое раководеше, за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата.

Кривичната пријава се поднесува затоа што во периодот од 12.02.2019 година некаде до средината на 2021 година пријавените вршеле набавка на стари обрасци за издавање на официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија со тогаш веќе неуставното име на државата, со што овозможиле изработка и издавање на официјални лични документи со важност подолга од 12.02.2024 година, иако знаеле дека важноста на истите е до 12.02.2024 година.

Дополнително од ЗНАМ бараат одговорност и што не се набавиле навреме нови обрасци со новото уставно име на државата иако знаеле дека рокот истекува на 12 февруари 2024.