Македонија
29. November 2025 - 21:08

„Марш на ангелите“ во Кочани

„Со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“, родителите, роднините и граѓаните на Кочани излегоа попладнево на уште еден „марш на ангелите“. Револтирани сеод одложувањето на второто судско рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 63 млади лица, а над 200 се повредени. Според нив ова не беше административно одложување, туку уште еден удар врз семејствата на загинатите, што само ја продлабочува нивната болка

- Уште една пречка на патот кон правдата. Но и уште еден доказ дека, ние нема сдасе предадеме, нема да се повлечеме, нема да замолчиме. И на крај, сакаме јасно да кажеме: го чекаме обвинителниот акт за полицајците. Го чекаме одговорот на прашањето: Кој и зошто не реагираше навреме? Кој не ја заврши службената должност? Зошто, според изјавите што ги слушаме, било одбиено да се помогне кога можело да се спасат животи?”, изјави Александар Наунов, родител на загинато дете

Не може само неколкумина да одговараат, зашто трагедијата во „Пулс“ е синџир од пропусти, а ние бараме да се утврди одговорност за секоја алка во тој синџир, додаде Наунов.

- Нашите деца не смеат да останат заборавени имиња во судниците. Тие не смеат да бидат бројка на лист, не треба да бидат само трагична статистика. Тие се 63 ангели, 63 животи, што требаше да раста, да сонуваат, да живеат, 63 деца кои никогаш нема да се вратат.

Учесниците на „Маршот“ уште еднаш испратија порака дека барањето правда е повик до државата, институциите и општеството да покажат човечност, додека родителите остануваат решени да продолжат со борбата во спомен на 63-те млади животи.