Македонија
18. February 2023 - 16:38

Маричиќ нуди разговор за уставните промени, ВМРО-ДПМНЕ експресно го одби

Време е за уставните измени да се разговара со ВМРО-ДПМНЕ, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Во интервју за Македонско радио, објаснува дека на измените треба да се гледа како можност за зајакнување на македонскиот идентитет бидејки со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се правела јасна дистинкција помеѓу Македонците како мнозински народ.

„Мислам дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да разговараме дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот. На темата на суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози….Ние можеби ќе имаме во текот на преговорите и потешки прашања, сигурен сум. Потешки прашања коишто нема да бидат од овој карактер, нема да бидат врзани заедно, нема да бидат врзани за историја, нема да бидат врзани никако за етничкото потекло ќе бидат врзани за пристапот кон нашето земјоделие“, кажа Маричиќ.

Тој уверува дека Бугарите би биле вметнати во два дела во Уставот: премабулата и каде што се споменува Комитетот за односи меѓу заедниците. Вицпремиерот во контекст на евроинтеграциите ја коментира и тековната реконструкција на владиниот кабиент. Маричиќ тврди дека влезот на Алијанса во власта ќе го зајакне мнозинството и со тоа полесно ќе се носат потребни европски реформи.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, не ја прифаќаат понудата на Маричиќ, бидејќи како што велат немал мандат да разговра за нешто што не е одобрено од граѓаните.

„Наместо да троши енергија за тоа, Маричиќ нека почне да се занимава со решавање на проблеми како и со акутната неспособност на власта. Единствено за што власта може да разговара со ВМРО-ДПМНЕ е потребата за предвремени парламентарни избори, бидејќи е јасно што побрзо си замине оваа криминална влада, тоа ќе биде подобро за Македонија“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека понудата од Маричиќ е доказ дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата која ја терала цела година дека се на прагот.