Мамдани: Нетанјаху е воен злосторник и треба да биде уапсен

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го нарече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху воен злосторник и изјави дека се согласува со Меѓународниот кривичен суд (МКС) дека Нетанјаху треба да биде уапсен и изведен пред суд.
„Бенјамин Нетанјаху е воен злосторник, архитект на ужасен геноцид врз палестинскиот народ“, изјави Мамдани во видео објавено на социјалните мрежи. Тој го обвини Нетанјаху дека е одговорен за смртта на повеќе од 73 илјади луѓе.
Градоначалникот на Њујорк изјави дека израелскиот премиер е одговорен и за, како што наведе, „осакатување на десетици илјади деца“, напади врз неонатални одделенија и породилишта, како и за ограничување на хуманитарната помош.
Мамдани го обвини Нетанјаху дека „изгладнувал луѓе преку блокирање на хуманитарната помош“ и дека е одговорен за смртта на стотици хуманитарни работници и новинари.
Тој се повика на наводите на Обединетите нации за конфликтот, оценувајќи дека палестинските деца и понатаму се жртви на напади.
„Постои причина зошто Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење. Како луѓе, со генерации градевме заедничко разбирање дека постојат злосторства толку тешки што го навредуваат целото човештво“, изјави Мамдани.
Тој додаде дека се согласува со МКС дека Нетанјаху треба да биде уапсен и да му се суди за, како што рече, неговите злосторства, како и за сите други лица обвинети од тој суд.
Мамдани изјави дека неговата администрација ги разгледала правните можности за евентуално спроведување на налогот на МКС доколку Нетанјаху дојде во Њујорк.
„Јасно е дека немаме независно законско овластување да го спроведеме овој налог. Сепак, федералната влада го има. Ја повикувам да му се придружи на МКС и да го спроведе овој налог“, рече тој.
Градоначалникот порача дека Нетанјаху не е добредојден во Њујорк.
„Бенјамин Нетанјаху не е добредојден во Њујорк, ниту кој било друг воен злосторник кој е на слобода“, изјави Мамдани.
Тој призна дека градските власти имаат ограничени овластувања, но порача дека ќе продолжат да ги користат сите расположливи средства за, како што рече, „одбрана на човечноста и достоинството на сите луѓе“.
МИА
Ново на Сител
-

Откриен споменик на Махатма Ганди во Скопје, траен симбол на вредностите што ги обединуваат двата народа
-

По невремето во Скопје во Ургентниот центар примени 11 пациенти
-

Мамдани: Нетанјаху е воен злосторник и треба да биде уапсен
-

МВР: Во невремето во Скопје оштетени 117 возила, 35 покриви, 7 семафори, „Вила Водно“
-

„Опен-АИ“: ВИ самостојно хакирала друга компанија
-

Царинска управа: Непријавен накит „Сваровски“ вреден 333 илјади денари откриен на Меѓународен аеродром Скопје
-

ЦУК: Силното невреме остави последици низ државата, примени над 9.000 повици на 112 во Скопје
-

Мицкоски на пуштање во употреба на реконструираното одделение за Трауматологија во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”
