Македонија
22. July 2026 - 11:16

Откриен споменик на Махатма Ганди во Скопје, траен симбол на вредностите што ги обединуваат двата народа

Во Музејот на град Скопје денеска е откриен споменик на Махатма Ганди. Откривањето на споменикот на овој духовен водач на индиската борба за независност претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат народите и поттик за натамошно зајакнување на пријателството меѓу Северна Македонија и Индија.

Споменикот е откриен во време кога во посета на земјава е индиската претседателка Драупади Мурму која денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на церемонијата во Музејот на град Скопје. 

- Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство - рече Мурму.

Нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.

- Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија - истакна индиската претседателка.

Претседателката Сиљановска-Давкова со порака дека промената што сакаме да ја видиме во светот треба да започне токму од нас самите.

- Веројатно најважното наследство што го остави Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја. Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ, нагласи Сиљановска-Давкова.

Градоначалникот на Скопје нагласи дека настанот има посебна симболика бидејќи се случува во Скопје, градот во кој е родена Света Мајка Тереза.

- Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, но нивните животи ги поврзува една универзална порака – дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другите се најголемата сила што човекот ја поседува - рече Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека нивното наследство и денес инспирира милиони луѓе ширум светот и додаде дека Скопје ја знае вредноста на солидарноста.

- Скопје е град кој ја знае вредноста на солидарноста – град кој по големата трагедија во 1963 година ја почувствува подадената рака од целиот свет и затоа длабоко ја разбира важноста на меѓусебната поддршка, почитта и пријателството меѓу народите - истакна градоначалникот.

Поставувањето на споменикот на Ганди во јавниот простор, порача Ѓорѓиевски, претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат луѓето, а не на оние што ги разделуваат.

 

МИА

 

Ново на Сител