Мацинка: Чешка сака да се надмине спорот меѓу Скопје и Софија и подготвена е да помогне

Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес последните пречки за напредокот на Северна Македонија да бидат отстранети. Чешка е подготвена да придонесе во процесот за постигнување решение прифатливо за Скопје и за Софија, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка, кој се наоѓа во официјална посета на земјава.
-Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку прашање на сите земји, рече Мацинка на заедничката прес-конференција по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид.
Тој истакна дека Европската Унија треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на Северна Македонија за членство, огромната работа што земјата успеа да ја направи, но и отстапките што беше подготвена да ги направи во минатото.
Мацинка оцени дека станува збор за мултилатерално прашање и прашање на договор, при што, како што рече, мора да биде постигнат консензус. Тој при тоа нагласи дека Чешка смета оти способноста на ЕУ да постигнува консензус е исклучително важна, бидејќи Унијата за низа прашања не може да напредува без едногласност.
„Чешка застапува став дека не сакаме да го менуваме системот така што некои прашања би се решавале со квалификувано мнозинство, ниту сакаме да го намалуваме бројот на прашањата за кои е потребна едногласност. Затоа нагласуваме дека е неопходно да се постигне консензус“, рече Мацинка.
Тој додаде дека Чешка е подготвена да придонесе во процесот и дека сака да разговара за прашањето, нагласувајќи ги добрите односи што Прага ги има и со Северна Македонија и со Бугарија.
Мацинка информираше и дека чешкиот премиер Андреј Бабиш планира во следните три недели да ја посети Софија, при што прашањето би можело да биде една од темите на разговор.
„Јас сигурно ќе сакам да разговарам со него за ова прашање“, рече Мацинка.
Според него, целта треба да биде споровите да се надминат и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни.
„Ние би сакале да придонесеме овие спорови да се надминат и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни, бидејќи мислам дека тоа навистина вреди“, порача чешкиот министер.
Шефот на македонската дипломатија, од своја страна, повтори дека Северна Македонија е подготвена да разговара за изнаоѓање решение, но дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата не може да бидат предмет на преговори ниту услов за напредокот кон ЕУ.
Муцунски истакна дека Северна Македонија од формирањето на Владата води дијалог со претставници на европските институции и со сите земји-членки на ЕУ, вклучително и со Бугарија, со цел изнаоѓање решение.
Како клучна ја посочи потребата од предвидливост на европскиот пат на земјата.
„За нас е значајна предвидливоста, да знаеме дека нема да бидеме вреднувани врз основа на билатерални критериуми, туку дека нашиот пат ќе биде вреднуван врз основа на европски стандарди и апроксимација на нашиот целокупен правен и политички систем со тој на Европската Унија“, рече Муцунски.
Тој категорично нагласи дека Владата не е подготвена да преговара за прашања поврзани со македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата.
„Ние за прашања поврзани со историја, јазик, идентитет и култура не сме подготвени да преговараме“, рече Муцунски, образложувајќи дека тие прашања ги засегаат правата на граѓаните и не претставуваат европски вредности или критериуми, туку суверени права.
Муцунски истакна дека нема дилема оти треба да се најде соодветно решение, но оти тоа мора да обезбеди предвидлив пат кон членството во ЕУ.
„Дали треба да се најде соодветно решение? Нема никаква дилема. Но, дали сме подготвени да прифатиме решение кое што не ни обезбедува предвидлив пат кон членството, не само да ги отвориме преговорите, туку да имаме предвидливост за тоа што преговараме и разговараме во текот на преговорите? Тоа е за нас она што е суштинско“, рече Муцунски.
Истовремено, Муцунски порача дека не бараме привилегиран третман во процесот на европска интеграција.
„Ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес“, истакна министерот.
Тој нагласи дека земјата е подготвена да ја заврши својата работа, да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми.
„Кога една држава ги исполнува своите обврски, Европската Унија мора да биде подготвена да го препознае тоа и соодветно да реагира“, рече Муцунски.
Според него, интеграцијата на Западен Балкан денес не е само прашање на проширување на ЕУ, туку и прашање на европската безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност.
Муцунски и Мацинка претходно имаа тет-а-тет средба на која разговараа за продлабочување на политичката и економската соработка меѓу двете земји, трговијата, инвестициите, миграцијата, културата и образованието, како и за безбедносната соработка во рамки на НАТО.
МИА
Ново на Сител
-

Во Скопје на 20 и 21 август авионска, а од 23 до 26 август терестична дезинсекција против комарци
-

Ангелов: Сѐ уште активен пожарот кај прилепското село Чаниште, не загрозува некое село
-

Клековски: Формирана комисија за надзор над случајот со родилката во Штип, ќе се вклучат двајца странски стручњаци
-

ФФМ ја повлече поддршката за Инфантино
-

Кокаин во допинг-тестот на Кирјос
-

Десетгодишно дете прегазено во Градско, возачот избегал
-

Битолчанец возел мопед со 2,23 промили алкохол во крвта
-

Мацинка: Приоритет на Чешка е Северна Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ
